Реал Мадрид торпедираше, Адеми даде гол, но Динамо испушти голем триумф, ПСЖ и Сити во осминафинале

Реал Мадрид го растури Галатасарај совладувајќи го со 6-0 и се доближи до реализација на целта, пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите. „Кралевите“ сега имаат седум бода и се наоѓаат на втората позиција во групата А, а во осминафиналето со максимален ефект од четири победи се пласира ПСЖ. „Светците“ со 1-0 го совладаа Клуб Бриж, со голот на Мауро Икарди во 22.минута. Кејлор Навас во 76.минута му одбрани пенал на Диање.

Младот Бразилец Родриго испиша историја за Реал Мадрид, постигна хет-трик за „кралскиот клуб“, Серхио Рамос од пенал погоди со „паненка“, а потоа и Карим Бензема беше двоен стрелец.

Аријан Адеми постигна гол за Динамо Загреб, но хрватскиот тим пропушти голем триумф за чекор кон осминафиналето во ЛШ, играјќи 3-3 против Шахтјор Доњецк на „Максимир“. Адеми беше стрелец на третиот гол за „модрите“, а претходно стрелаа и Бруно Петковиќ и Лука Иванушец. Но, Шахтјор возврати преку Мораеш во 93.минута и Тете во 97.минута и тоа од пенал.

Динамо Загреб и Шахтјор имаат по четири бода и се во трка за втората позиција во групата Ц, а лидерското место го има Манчестер Сити со 10 бода, кој ремизираше (1-1) на гости кај Аталанта и обезбеди осминафинале.

Рахим Стерлинг погоди во седмата минута, Габриел Хесус не реализира пенал, а Марио Пашалиќ го израмни резултатот на почетокот на вториот дел.

Црвена Звезда загуби убедливо од Тотенхем и во Лондон со 0-4. Ло Селсо го отвори резултатот, Сон постигна два гола, а во листата на стрелците се запиша и Ериксен.

Баер Леверкузен го совлада Атлетико Мадрид со 2-1 и ги прокнижи првите три бода во групата Д. Атлетико Мадрид со 7 бода е на втората позиција зад Јувентус.

Се вчитува...