Реал не знаеше за пораз во Шпанија, а тогаш дојде Барселона…

Реал Мадрид го претрпе првиот пораз во шпанската Ендеса-лига, губејќи го првото „домашно Ел Класико“ од Барселона со резултат 82-87. Откако загубија од вечниот ривал во првиот меѓусебен дуел во Евролигата, избраниците на Ласо не се снајдоа ништо подобро ниту на вечерашното дерби, во кое Барса беше подобар противник и на крајот заслужено стигна до победата.

Миротиќ беше клучна фигура од самиот почеток, откако шпанскиот репрезентативец постигна 14 поени во стартната четвртина што Барселона ја доби со минимални 22-23. Со израмнета игра се продолжи до третата четвртина, период во кој „кралевите“ не дозволија противникот да се одлепи благодарение на прецизниот шут од далечина. Сепак, Барса имаше премногу оружја во својот арсенал, каталонскиот гигант доминираше и под обрачите (31-39 во скоковите), па со фуриозна игра во последната четвртина избраниците на Јасикевичиус заслужено стигнаа до победата. Реал се врати од двоцифрена негатива и намали на „минус четири“ (80-84) на една минута до крајот, „кралевите“ имаа и напад со кој можеа да влезат во драматична завршница, но Миротиќ ја имаше клучната блоката при обидот на Лапровитола.

За Реал Мадрид ова е прв пораз во шпанското првенство сезонава, по 14-те победи од стартот на Ендеса-лигата, додека Барселона има скор од 13 победи и три порази на домашната кошаркарска сцена.

Никола Миротиќ беше најефикасен во победничкиот тим со 26 поени, 14 постигна Кјурич, а 12 Кори Хигинс. Најдобри поединци кај Реал Мадрид на вечерашното дерби беа Љуљ со 14 и Дек со 12 поени.

Се вчитува...