Репрезентативец задоцнил на тренинг, селекторот на Азербејџан го вратил дома

ЕКИПА во Белек,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија утре (18 часот по македонско време) го игра вториот пријателски натпревар на мини – турнејата во Турција, а противник ќе биде селекцијата на Азербејџан. Тоа е репрезентација послаборангирана од Македонија на листата на ФИФА, а се чини дека и атмосферата не е најдобра. Селекторот Гурбан Гурбанов го испратил дома дефанзивецот Елвин Јонузаде откако овој задоцнил на тренинг. Оправданието на Јонузаде било дека не успеал навреме да се разбуди, но тоа е сепак далеку од професионализмот што го очекува селекторот на Азербејџан.

Со оглед дека Гурбан Гурбанов му е тренер на Елвин Јонузаде и во тимот на Карабах, го суспендирал поради својата недисциплина и под казна го испратил во Б-тимот на овој клуб. Под казна, Јонузаде одреден период ќе мора да тренира со вториот тим.

„Знам дека зграшив, едноставно не смеев да си дозволам да задоцнам на тренинг. Ја прифаќам одлуката на селекторот и се надевам дека брзо ќе успеам да надополнам токму со професионално однесување“, изјави Јонузаде за медиумите во Азербејџан.

Селекцијата на Азербејџан на утрешиот натпревар против Македонија ќе биде и без услугите на Павел Пашаев. Тој исто така е дефанзивец, а отпаѓа поради повреда.

 

 

Се вчитува...