Резервите ја разбудија Хрватска, Белгија е страшна и кога игра со „втор тим“

Хрватска повторно се мачеше на домашен терен против аутсајдер откако „коцкестите“ дури во второто полувреме го скршија отпорот на Малта (3-0). Гостите имаат за што да жалат поради чист недосуден пенал во првото полувреме, а хрватскиот селектор Далиќ беше принуден во вториот дел да уфрли дел од стандардните првотимци откако оние кои добија шанса вечерва не ја оправдаа довербата.

Токму Перишиќ, кој влезе во игра во вториот дел, го отвори резултатот на асистенција на Баришиќ (исто така влезе во во второто полувреме), а на 2-0 зголеми уште еден „резервист“, Лука Модриќ, со прецизно изведен пенал. Конечните 3-0 во самиот финиш ги постави Брекало.

Белгија настапи без бројни првотимци на вечерашниот дуел со Белорусија, но тоа не им пречеше на „црвените ѓаволи“ да издоминираат 90 минути и да триумфираат со преубедливи 8-0. Тросар и Ванакен постигнаа по два гола во оваа победа на Белгијците, додека по еднаш меѓу стрелците се запишаа Батшуаи, Бентеке, Прает и Доку.

Холандија триумфираше на гостувањето против Гибралтар со 0-7, меч на кој „лалињата“ шест погодоци постигнаа во второто полувреме.

Најголемо разочарување доживеаја репрезентативците на Турција, кои ремизирааа 3-3 на домашен терен против Летонија. Турција поведе во 2. минута, имаше водства од 2-0 и од 3-1, но и тоа беше недоволно за оваа селекција да ја оправда фаворитската улога.

Норвешка со погодокот на Сорлот славеше на гостувањето против Црна Гора со 0-1, додека Џејмс со гол во 81. минута донесе триумф од 1-0 на Велс на пресметката со Чешка.

Неизвесно беше и на дуелот меѓу Словачка и Русија, на кој домаќините триумфираа со 2-1 благодарение на голот на Мак во 74. минута.

Се вчитува...