РФМ бира селектор – кој на местото на Гонзалес?

Ракометната Федерација на Македонија до крајот на оваа седмица ќе го именува новиот селектор на сениорската репрезентација, стратег што ќе има одговорна задача да го наследи Раул Гонзалес и да го одржи континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Распишаниот конкурс од страна на РФМ заврши вчера, а по дадените дополнителни 24 часа за пристигнување на апликациите испратени преку пошта, комисијата составена од Гино Стрезовски, Дарко Алексов и Ѓорги Тренкоски ќе ги разгледува сите кандидати кои покажаа интерес за селекторската функција во нашиот национален тим.

Најавите од куќата на ракометот велат дека нов селектор ќе имаме до крајот на оваа седмица, а конечниот збор сепак ќе го има претседателот Живко Мукаетов, кој на собранието на РФМ најави дека негов приоритет ќе биде новиот кормилар на националниот тим да има професионален ангажман, без истовремено да работи и во некој клуб.

Според првичните информации, поранешниот словенечки селектор Борис Денич е меѓу главните фаворити заедно со Хрватот Ненад Кљајиќ, но по отворањето на сите апликации ќе биде јасно дали уште некое звучно тренерско име би се вклучило во трката, во пресрет на конечниот избор од раководството на РФМ.

Се вчитува...