РФМ: Македонија ќе се бори против пет кандидатури за добивање на ЕП 2022!

И Ракометната федерација на Македонија официјално ја потврди информацијата за поднесување заедничка кандидатура со Словенија за организација на сениорските Европски првенства 2022 и 2024 година во машка конкуренција.

Ова е дефинитивно најголемиот организациски предизвик во историјата на македонскиот ракомет за кој е максимално подготвена Ракометната федерација, од каде преку официјално соопштение информираат дека за добивање на домаќинството во 2022 година ќе се борат против пет кандидатури, а за 2024 година ќе се борат против три кандидатури кои официјално до ЕХФ испратиле писмо со интерес.

„Ракометните Федерации на Македонија и Словенија изразија подготвеност заедно дa конкурираат за организација на сениорските машки Европски Првенства во 2022 и 2024 година. Ракометната Федерација на Македонија веќе официјално ја испрати својата кандидатура до ЕХФ, а тоа ќе се очекува да го направат и останатите земји кои ќе конкурираат за организација на овие првенства. Од почетокот на 2018 година, ЕХФ ќе почне да ги разгледува сите пристигнати кандидатури, а конечната одлука ќе ја даде на Годишниот конгрес во Глазгов на 18. и 19. јуни 2018 година“ – се вели во соопштението од РФМ, во кое се дополнува:

„Ракометната Федерација на Македонија во последните години ужива огромна доверба од ЕХФ и ИХФ во однос на организација на настани од меѓународен карактер, за што потврдуваат честите беспрекорни организации на континенталните и светски собири во младинските категории, како и престижното признание за ТОП Организатор кое и беше доделено на РФМ од ЕХФ во 2015 година. Покрај заедничката кандидатура на Македонија и Словенија за машките сениорски Европски Првенства во 2022 и 2024 година, писма со интерес до ЕХФ за организација на овие Првенства испратиле и: Белгија/Шпанија/Франција, Чешка/Унгарија/Словачка, Данска/Германија/Швајцарија, Русија/Белорусија и Литванија за ЕП 2022, односно Чешка/Унгарија/Словачка, Данска/Швајцарија, Германија и Литванија за ЕП 2024 година“.

Се вчитува...