ЕКИПА во Рим,
Никола Станикевски
Фудбалската репрезентација на Македонија во петок од 20.45 часот на „Олимпико“ во Рим ќе се сретне со Италија во меч од квалификациите за пласман на ЕВРО 2024 година.
Овојпат Рим ќе биде градот во кој „црвено-жолтите“ ќе се обидат повторно да ја расплачата цела Италија, нешто што се случи во квалификациите за Мундијалот во Катар.
Престолнината на Италија кон која сите патишта водат сиве овие години успева да ја вметне историјата како составен дел од сегашноста и модерното доба на градот. Колосеумот кој е најголемиот амфитеатар скоро 2000 години по неговото создавање се уште е подарок за сите жители на овој град, но и големиот број на туристи кои го посетуваат буквално во секој период од годината. На 7. јули 2007 година Колосеумот беше прогласен за едно од седумте светски чуда на Новиот Свет.
„Фонтана ди треви“ е втората најголема знаменитост на градот, по Колосеумот, а легендата за нејзиното создавање се уште создава морници кај секој посетител на градот. Во 19 век п.н.е., наводно со помош на една девица, Римските техничари нашле извор на чиста вода само 22 километри од градот. (Оваа сцена е прикажана на сегашната фасада на фонтаната). Оваа Aqua Virgo била носена до Рим преку најкраткиот аквадукт директно до бањите на Агрип и го снабдувала Рим повеќе од 400 години.
Според една традиционална легенда, личноста која ќе фрли паричка во фонтаната сигурно ќе се врати во Рим. По снимањето на филмот „Три парички во фонтаната“, каде три различни личности фрлаат по една паричка, во Рим се роди нова урбана легенда која вели дека фрлање на две парички ќе донесе љубов со убава римјанка (римјанин), а фрлање на три парички носи брак или развод. Популарна верзија е и дека треба да се фрлат три парички со левата рака преку десното раме. Секој ден од фонтаната се вадат околу 3.000 евра, а секаков допир на водата е најстрого забранет, а казната изнесува од 500 евра па нагоре.
Шпанските скали кои се точно 138 на број биле изградени со парите од тестаментот на францускиот дипломат Стефано Гуфие (20.000 скуди) во периодот од 1723 до 1725 година. Тоа се најдолгите скали во Европа.
Цела Италија живее за фудбалот, но дефинитивно во Рим тој е религија. Двата најголеми ривала Рома и Лацио, чии навивачи иако се сограѓани израснати во ист град, нивните разлики не можат да бидат поголеми. Голем дел од римските евреи се фанови на Рома, што најчесто доведува до големи расни провокации на нивните мечеви. Најголем скандал се случи на дербито во 1998 година кога навивачите на Лацио извадија транспарент на кој пишуваше „Аушвиц е вашиот град, а рерните се вашите домови“. Во 1980 година на дерби натпреварот загина навивачот на Лацио, Виченцо Папарели кој беше погоден со факел од противничките навивачи.
Најголемиот инцидент се случи во 2004 година кога претседателот на лигата Адријано Галијани мораше да го прекине мечот. Нередите почнаа кога навивачите рашириле неточна информација дека еден полицаец убил дете во непосредна близина на стадионот. На полувремето тројца навивачи се симнаа на терен да разговараат со Франческо Тоти, а Тоти подоцна во интервју изјавил дека добил и сериозни закани по неговиот живот. Мечот бил прекинат, но вистинскиот хаос почнал на улиците на Рим. Во тепачката меѓу навивачите и полицијата биле повредени преку 170 лица, а причината за сето ова се вели дека едноставно навивачите на двата тима сакале да ја нападнат полицијата. Мечот се преиграл за седум дена, а двата тима ремизирале 1-1. Буквално по секое дерби навивачите на клубот што ќе победи со веспи поминуваат низ квартовите каде „грото“ навива за големиот ривал и со песни ги провоцираат своите омразени противници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА