Ристовски оди во Спортинг на позајмица?!

Спортинг Лисабон и Ријека долго време преговараа, за конечно да биде постигнат заеднички јазик околу трансферот на Стефан Ристовски во редовите на португалскиот гигант. Иако во претходните денови беше споменувана сума од два милиони евра како отштета, последните информации велат дека Ријека се согласила на едногодишна позајмица на македонскиот репрезентативец, кој инсистирал да му биде дозволено да се пресели во Португалија.

Според португалските медиуми, двата тима постигнале целосен договор, Ристовски во следната година ќе настапува како позајмен играч, но во „дилот“ има обврзувачка клаузула според која Спортинг следното лето мора да плати 2,25 милиони евра за да го откупи неговиот договор со Ријека.

Со тоа португалскиот тим заштедува пари од буџетот за оваа сезона, додека Ријека ќе заработи 250.000 евра повеќе од она што го очекуваше од продажбата на Македонецот. Според весникот „Рекорд“, Ристовски во следните неколку часа и официјално ќе го потпише договорот со новиот клуб, по што попладнево ќе го одработи и првиот тренинг со новите соиграчи.

Се вчитува...