Ристовски повторно на терен: Реми без голови во дербито со Порто

Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски по три месеци ги одигра првите минути во Премиерлигата на Португалија во дресот на Спортинг Лисабон.

Тренерот на Спортинг, Марсел Кајзер конечно се свести, и по бројните реакции од навивачите на клубот го внесе Ристовски на стартот од второто полувреме на местото на Бруно Гашпар во дерби пресметката против Порто од 17. коло во Португалија.

Ристовски, како што е познато, заработи повреда во октомври минатата година на мечот против Арсенал во Лигата на Европа. Потоа паузираше два месеци, за да по враќањето од повредата стратегот на Спортинг предност даде на Гашпар. По очајните игри на португалскиот десен бек, конечно Ристовски се враќа во првиот тим на Спортинг на натпреварите од најсилната лига во Португалија.

Спортинг и Порто ремизираа без голови во дерби пресметката, по што Порто сега на врвот е со пет бода предност во однос на второпласираната Бенфика. Спортинг е на четвртата позиција со осум бода заостанување зад Порто.

Се вчитува...