Ривалите на Ф4: Манасков со Веспрем, моќната Барса или изненадувањето Кјелце

Вардар трета сезона по ред е дел од најдобрата „четворка“ во европскиот ракомет, на фајналфор турнирот што на 1 и 2 јуни ќе се игра во „Ланксес арена“ во Келн. Историјата покажа дека на Ф4 никогаш нема фаворити, откако во претходните две години Вардар и Монпелје пристигнаа во Келн како аутсајдери, а на крајот стигнаа до тронот на европскиот ракомет. „Црвено-црните“ со нетрпение ќе ја очекуваат ждрепката за да го дознаат името на следниот ривал, иако е сосема јасно дека сите три екипи се со врвен квалитет.

Интересно, четирите патници во Келн во групната фаза беа дел од истата група, па „вардарци“ имаа можност да одиграат по два меча со нив во досегашниот дел од сезоната.

БАРСЕЛОНА

Каталонскиот гигант е единствениот тим што може да се пофали дека сезонава два пати го совладал Вардар, откако Барса најпрвин славеше во Скопје со 26-30, потоа беше уште поубедлива во Каталонија со 34-26. По елиминацијата на ПСЖ, барем на хартија Барселона важи за фаворит за трофејот.

Ланскиот костур на тимот беше дополнително засилен со Фабрегас на позицијата пивот, Палмарсон игра во животна форма, но главен адут на Барса дефинитивно е тренерот Чави Пасквал, кој знае што е потребно за да се стигне до трофејот во Лигата на шампионите.

ВЕСПРЕМ

Унгарскиот гигант делуваше загубено во првиот дел од сезоната, но со доаѓањето на Давид Дејвис за тренер Веспрем повторно заличи на тим од самиот врв на европскиот ракомет. Поранешниот асистент на Раул Гонзалес во Вардар се докажува и како врвен прв тренер, успевајќи да состави моќен колектив од бројните ѕвезди на Веспрем.

Дејан Манасков ќе игра против својот поранешен клуб, исто како и голманот Арпад Штербик, а опасност по голот на Милосављев ќе доаѓа и од моќната бековска линија предводена од Лекаи и Наѓ.

Вардар на гостински терен го совлада Веспрем со 25-27 на стартот од сезонава, но унгарскиот вицепрвак под водство на Дејвис се реваншираше со полна мера, славејќи во февруари во Скопје со 27-29.

КЈЕЛЦЕ

Најпријатното изненадување во четвртфиналните пресметки дефинитивно е Кјелце, тимот кој успеа да го елиминира моќниот ПСЖ. Поранешните „вардарции“, Лука Циндриќ и Алекс Душебајев, се клучни играчи на полскиот гигант, заедно со Кулеш и Јанц, а тренерот Талант Душебајев знае да го извлече максимумот и од „епизодистите“, што може да биде многу важно кога се играат два натпревари за два дена.

Вардар го загуби првиот натпревар со Кјелце сезонава, во Полска со резултат со 31-27, но затоа му се реваншираше на овој ривал со минимална победа во Скопје од 28-27, на мечот одигран на 1 декември 2018 година.

Се вчитува...