РК Вардар ја објави цената за сезонските билети

Ракометниот клуб Вардар ја објави цената на сезонските билети за натпреварувачката 2026/27, чија продажба ќе стартува наскоро.

„Црвено-црните“ обелоденија дека овие билети ќе чинат 4.500 денари, а со нив ќе можат да се следат сите домашни натпревари на македонскиот првак, како во домашното првенство, така и во регионалната лига, но и во најатрактивната Лига на шампионите.

„РК Вардар ги информира своите навивачи дека цената на сезонскиот билет за натпреварувачката сезона 2026/27 ќе изнесува 4.500 денари:

Со сезонскиот билет ќе бидат опфатени сите домашни натпревари на РК Вардар од групната фаза во Лигата на шампионите, како и сите натпревари од домашното првенство и Регионалната лига.

👉Продажбата ќе започне за неколку дена. Во моментов се тестира платформата за продажба, а клубот дополнително ќе ја информира јавноста за точниот термин кога навивачите ќе можат да ги купат своите сезонски билети.

За натпреварите што ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“, секој сопственик на сезонски билет ќе има свое место, кое ќе може да го одбере при купувањето. Во оваа сала ќе се играат сите домашни натпревари од Лигата на шампионите, како и дерби средбите против Еурофарм Пелистер, Охрид и Алкалоид во регуларниот дел од сезоната и во разигрувањето за титулата. Во „Јане Сандански“ ќе се играат и натпреварите од Регионалната лига за кои ќе има поголем интерес од публиката.

Дел од натпреварите во домашното првенство и Регионалната лига ќе се играат во салата „Расадник“. За тие средби нема да има нумерирани седишта, но со сезонскиот билет влезот ќе биде обезбеден.

Секој сопственик на сезонски билет ќе добие пластифицирана сезонска карта, која ќе важи за сите натпревари вклучени во пакетот.

По завршувањето на продажбата на сезонските билети, ќе започне продажбата на поединечни билети за секој натпревар.

‼‼‼Напомена:

Продажбата на сезонските билети ќе се врши исклучиво онлајн, преку продажната мрежа на РК Вардар. За евентуална физичка продажба на печатени билети, клубот дополнително ќе ја информира јавноста.

РК Вардар ги повикува сите навивачи навреме да ја следат официјалната веб-страница и клупските канали на социјалните мрежи, каде наскоро ќе бидат објавени сите детали за почетокот на продажбата.

Нова сезона и многу црвено-црна енергија“, објави македонскиот првак.

Се вчитува...