Роберт Марковиќ ќе се грижи за безбедноста на мечот Макаби Тел Авив и Динамо Загреб на стадионот во Бачка Паланка

Од претставниците на Фудбалската федерација на Македонија во комисиите на УЕФА најтешка задача во натпреварите во европските купови што ќе се одиграат неделава му е доверена на Роберт Марковиќ, комесар за безбедност и интегритет во ФФМ. Тој  ќе се грижи за безбедноста на мечот во второто коло во групната фаза во Лига на Европа меѓу Макаби Тел Авив од Израел и Динамо од Загреб што ќе се одигра на 2 октомври на стадионот во Бачка Паланка во Србија. Овој натпревар е прогласен за висок ризик поради страв од инциденти меѓу навивачите од Србија и Хрватска. Макаби, поради војните дејствија во Израел своите домашни натпревари ќе ги игра на разни стадиони во Србија. Инаку во првото коло Динамо во Загреб го победи Фенербахче со 3:1, додека Макаби Тел Авив ремизираше во гости со ПАОК  0:0 во Солун.

Роберт Марковиќ беше доста ангажиран во текот на септември бидејќи се грижеше за безбедноста на мечевите меѓу Пафос и Црвена звезда на Кипар, Раков/Полска/- Макаби Хаифа и Јагелонија/Полска/-Нови Пазар што јасно говори колку е почитуван во комисијата за безбедност во УЕФА.

Ангажман доби и Жарко Игњатовски, менаџер во ФФМ кој ќе биде организационен директор во второто коло од групната фаза во Лига на Европа на натпреватот Викторија Плзен -Малме на 2 октомври. Во првото коло Викторија Плзен одигра нерешено во гости со Ференцварош 1:1, додека Малме загуби на гостувањето од Лудогорец со 2:1.

На 2 октомври во Полска, на мечот во групната фаза во Конференциската лига меѓу Лех Познан и Рапид од Виена делегат на УЕФА ќе биде Роберт Поповски, менаџер за логистика и подршка во ФФМ.

Во текот на септември нашиот најдобар женски судија Ива Пројковска, која се наоѓа во елитната група на 20 најдобри европски судии беше главен судија на мечот во Лигата на европски шампиони  за жени во Гетеборг меѓу клубовите Хакен и Атлетико Мадрид 1:1. И помагаа Елена Соклевска – Илиевски и Ангела Домазетовска, четврти судија беше Ангела Рајчевска.

Судеше и Игор Стојчевски на средбата во Торино во Лигата на европски шампиони за млади, играчи до 19 години меѓу Јувентус и Борусија Дортмунд. Му помагаа Дарко Јовчевски и Вјолца Изеири.

М. Мицковиќ

Се вчитува...