Роналдо пак збесна – сака да замине во ПСЖ

Кристијано Роналдо е разочаран во Јувентус по прераната елиминација од Лигата на Шампионите, па веќе побарал од својот агент Жорге Мендеш да ги обнови преговорите со ПСЖ за можната преселба на португалската суперѕвезда на „Паркот на Принцовите“. Весникот „Франс Фудбал“ пред десетина дена обелодени дека Роналдо бил во сериозни преговори за летен трансфер во ПСЖ, но плановите се искомпликувале по коронавирусот и намалените приходи на сите европски фудбалски гиганти, меѓу нив и актуелниот првак на Франција.

Роналдо има уште две години од актуелниот договор со Јувентус, но откако му стана јасно дека со овој тим има само минимални шанси за нов трофеј во ЛШ сега Португалецот ги разгледува и останатите опции за продолжување на кариерата. Тој отворено му порачал на Ањели дека нема намера да остане ако Сари продолжи да биде тренер, но според последните информации Кристијано не е премногу импресиониран ниту од ангажманот на Пирло, кој според него не е стратег со кого Јуве ќе може експресно да го нападне тронот на европскиот фудбал.

ПСЖ повторно е во преден план, Кристијано би имал можност да заигра крај Нејмар и крај Мбапе, а „светците“ се еден од ретките клубови што можат да си дозволат да платат 60 милиони евра за овој ветеран, воедно и да ја покријат платата од 30 милиони евра што тој ја зема во Јувентус.

Мендеш веќе остварил контакт со Ал Келаиди и договорено е да дојде до конкретни разговори во Лисабон, каде „светците“ ќе пристигнат за завршницата од Лигата на Шампионите. Јувентус не ја отпишува можноста за заминување на најдобриот стрелец, а како опција се споменува „старата дама“ во директна замена за Роналдо да го бара Мауро Икарди.

Се вчитува...