„Роналдо требаше да потпише за Милан, не за Јувентус“

Кристијано Роналдо со голем успех го носи дресот на Јувентус, но многу лесно можело да се случи наместо за „старата дама“ тој да заигра за екипата на Милан. Екс-директорот на „росонерите“, Масимилијано Мирабели, обелодени дека минал долго време преговарајќи со агентот на Португалецот, Жорге Мендеш, но дека трансферот во последен момент бил блокиран од страна на кинеските газди на Милан.

„Имавме разговори со Жорге Мендеш бидејќи знаевме дека постои конфликт меѓу Реал и Роналдо што ќе придонесе наскоро да дојде до трансфер на Кристијано. Договоривме се, но кога требаше да потпишеме кинеските газди го блокираа трансферот бидејќи не им бил исплатлив од финансиски аспект. Не се сомневам дека со денешните газди на Милан, Кристијано ќе го носеше дресот на „росонерите“, а не на Јувентус“, открива Мирабели.

Останатото е добро познато, Роналдо по освоената европска круна објави дека си заминува од Реал, комплетирајќи го трансферот во Јувентус вреден 100 милиони евра. Нешто подоцна дојде до сериозни промени во Милан, откако кинеските газди поради огромните долгови ја загубија контролата над клубот, со кој до ден денеска раководи американскиот инвестициски фонд „Елиот Менаџмент“.

Се вчитува...