Ростов е предизвикувачот на Ѓер во финалето од ЛШ

Ракометарките на Ростов ќе имаат можност да го предизвикаат европскиот првак Ѓер и да се обидат да го симнат унгарскиот гигант од тронот во Лигата на шампионите, откако рускиот тим во денешното второ полуфинале славеше над екипата на Мец со резултат 27-25.

Пресудно беше првото полувреме, во кое феноменална на голот на Ростов беше Ана Седојкина. Бројните одбранети зицери на руската репрезентативка овозможи Ростов на одмор да замине со убедливи 15-8, но тоа не значеше и крај на битката во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта. Капитановиќ почна да блеска на голот на Мец на почетокот од второто полувреме, па францускиот тим експресно ја преполови негативата од првиот дел. Мец сепак не успеа да ја спушти разликата под два гола, во вистински момент на голот на Русинки блесна и поранешната „вардарка“ Песоа, па Ростов го издржа последниот налет на противникот и на крајот заслужено славеше со 27-25.

Виакхирева со седум гола беше најефикасна во полуфиналето кај Ростов, пет постигна Абинг, а четири Манагарова. Во таборот на Мец најдобри при поразот беа Заади со осум и Ует со пет погодоци.

Се вчитува...