Врвните спортисти најчесто се мачат да ги контролираат финансиите, најнов случај е легендарниот ММА борец Хабиб Нурмагомедов, кој се наоѓа во центарот на скандал во Русија.
Како што јавуваат руските медиуми, организацијата „Eagle FC“ зад која стои Нурмагомедов со години не плаќала данок кон руската држава, која сега решила да покрене и кривична постапка против одговорните. Хабиб ја отвори организацијата за да ги развива младите дагестански борци, не само што тоа не му успева како што се надеваше, туку сега се соочува со огромни законски проблеми.
Даночните служби веќе почнаа постапка, а прва одлука беше да се издаде забрана за Хабиб Нурмагомедов да ја напушти Русија. Проблемот беше што Хабиб од претходно имаше заминато од државата, по што веднаш следеше запленување на неговиот имот. Според медиумите од оваа земја, запленети се куќата на ММА-легендата и неговите шест автомобили што ги поседувал во Русија, со вкупна вредност од над еден милион евра.
Ова сепак не е крајот на приказната, бидејќи Нурмагомедов најавил дека за неколку дена ќе се врати во Русија, па останува да се види како ќе се одвива случајот против него.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА