Русите на СП во Лондон без знамиња, без химна…и без допинг

Меѓународната атлетска федерација (ИААФ) издаде строги правила на однесување за руските атлетичари на претстојното Светско првенство во Лондон. Речиси две години по суспензијата поради допинг по настапот на ОИ во Рио со само еден претставник, Русија на СП во Лондон ќе ја претставуваат 19 атлетичари.

Русите во Лондон ќе се натпреваруваат како неутрални спортисти, поединци кои не ја претставуваат својата земја. И за нив важат строги правила. Доколку победат, на подиумот нема да ја слушаат својата химна, туку химната на ИААФ. Националните бои се забранети и Русите на СП ќе носат опрема во неутрални бои кои ќе им бидат одбрани. Боите на Русија – црвена, бела и сина, руските атлетичари не смеат да ги имаат на себе, дури ни на лентите, на завоите или на накитот, а ако некој ја пее руската химна на подиумот, ќе се соочи до казна.

Но, за поголемиот дел од руските атлетичари што добија право за настап, најважно е што повторно ќе можат да се натпреваруваат на планетарниот шампионат.

„Ги имам речиси сите права што ги имав некогаш. Правилата се малку смешни, но, најважно е што може повторно да се натпреваруваме“ – изјави Сергеј Шубенков, светскиот шампион од 2015 година на 110 метри со пречки.

Меѓу кандидатите за медал на СП во Лондон е и руската натпреварувачка во скок во височина, Марија Ласицкене. За неа исто така најважен е настапот, а, допинг скандалот сака што побрзо да го заборави како лошо минато.

„Не сакам да ги трошам своите емоции на тоа. Ми требаат да ги сочувам за настапите“ – вели Лисицкене.

Светското првенство во атлетика ќе се одржи од 4 до 13 август во Лондон.

Се вчитува...