Судот за спортска арбитража (ЦАС) и наложи на Светската хокеарска федерација (ИИХФ) да ги врати руските репрезентации на меѓународните натпреварувања.
Руските хокеарски репрезентации беа исфрлени од натпреварувањата под капата на ИИХФ во фервруари 2022 година, веднаш откако започна руската воена агресија рз Украина.
Одлуката на ЦАС за враќање на руските хокеарски репрезентации на меѓународната сцена се однесува за пет светски првенства кои треба да се одржат во 2027 година и меѓу нив е и сениорското СП кое треба да се одржи во Германија, како и јуниорското СП во Канада.
Веста за враќањето на руските репрезентации ја објави рускиот министер за спорт, Михаил Дегтјарев.
ИИХФ потврди дека ќе постапи според одлуката на ЦАС иако не е задоволна од пресудата.
„ИИХФ е разочарана од одлуката на судот за спортска арбитража со која на руската хокеарска федерација и овозможува да ги пријави руските репрезентации на сите првенства кои ги организира ИИХФ“, стои во соопштението на светската хокеарска федерација.
Засега не е познато дали руските репрезентации ќе настапуваат под руско знаме или за нив ќе важат посебни услови како тие што се применуваат за неутрални спортисти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
