Мохамед Салах пред крајот на ланската сезона ги израдува сите во Ливерпул потпишувајќи нов договор со англискиот првак, но ситуацијата за неколку месеци целосно се промени.
„Црвените“ се наоѓаат во катастрофална форма, претрпеа порази на последните четири премиерлигашки средби, а за еден од главните виновници е посочен токму Салах, кој игра далеку под нивото од преходните години во дресот на Ливерпул. Тој дури и беше изоставен од стартниот тим на неколку средби, како јасен знак дека го губи приматот на „суперѕвезда“ и „незаменлив“ во таборот на англискиот гигант, а последните информации говорат дека Салах сега многу посриозно ја разгледува опцијата за заминување од клубот и преселба во Саудиска Арабија.
Мегапонудата доставена на почетокот од годинава беше одбиена од одличниот голгетер, но тој сега почнува да се сомнева во исправноста на таа одлука. Клубовите од Саудиска Арабија немаат намера да се откажат и веќе подготвиле нова мегапонуда со плата од над 50 милиони долари по сезона, плус бонуси, со надеж дека ќе го убедат Салах да се пресели и да стане дел од овој богат фудбалски проект.
Од целата ситуација би можел да заработи и Ливерпул кој сигурно ќе бара најмалку 50 милиони фунти за својот најдобар стрелец, но пресудна ќе биде желбата на самиот Салах, дали да се пресели во Саудиска Арабија, или да остане и да докаже дека може се уште да игра на највисоко ниво во најсилната лига во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

