Салах шокира: Не отфрлам трансфер во Реал или Барса, Клоп ме разочара со една одлука

Ливерпул и покрај бројните проблеми со повредите успеа да се искачи на врвот на премиерлигашката табела, но фановите на „црвените“ беа шокирани на неколку часа пред дуелот со Кристал Палас откако Мохамед Салах истакна дека е заинтересиран за трансфер во Реал Мадрид или во Барселона. Египтскиот голгетер постигн 108 погодоци на 172 средби за Ливерпул по трансферот од Рома во 2017 година, се лансираше во самата елита на светскиот фудбал, но лесно може да се случи на крајот од сезонава да се пресели во Шпанија.

„Реал Мадрид и Барселона се европски гиганти и секакао не можам тукутака да отфрлам понуда од нив, да кажам дека никогаш не би играл во некој од овие гиганти. Во моментов сум фокусиран само на настапите за Ливерпул, но никој не знае што носи иднината. Последниот збор секако ќе го има клубот, со кој имам договор на уште неколку години“, изјави Салах во интервју за весникот „Ас“.

Воедно, одличниот голгетер проговори и за разочарувањето што го доживеал пред гостувањето против Митјиланд. Стануваше збор за резултатски тотално незначаен натпревар, но Салах доби шанса во стартниот тим и очекувал да биде капитен, за Клоп оваа чест да му ја укаже на Трент Александер Арнолд.

„Да бидам искрен, многу се разочарав во тој момент. Верував дека ќе бидам капитен, сметав дека го заслужвувам тоа и кога слушнав за одлукта на тренерот секако дека бев разочаран. Сепак, јасно ми е дека тоа е негова одлука и дека како играч морам да ја почитувам“, истакна Салах.

Случајно или не, Клоп по ова интервју на египетскиот голгетер реши да не го вклучи Салах во стартниот тим за денешниот дуел со Кристал Палас, давајќи му предност на Минамино.

Се вчитува...