Само двајца играчи на Јуве имаат помала плата од Пирло

Андреа Пирло ќе го има својот прв тренерски ангажман во кариерата, а кога ќе стигне понуда од клуб како Јувентус вообичаено парите не се примарна работа за која се преговара. Сепак, изненадувачки е што Пирло потпиша двогодишен договор за плата од 1,8 милиони евра (плус бонуси) по сезона, што е далеку зад оние 5,5 милиони евра што му беа загарантирани на неговиот претходник Маурицио Сари. Убедливо најплатен на тренерската ранг-листа во Калчо-лигата останува Антонио Конте со 12 милиони евра годишна плата.

За споредба, само двајца фудбалери на Јувентус имаат помала плата од она што во новата сезона ќе го заработува новиот тренер, и тоа двајца голмани. Ветеранот Џанлуиџи Буфон ќе заработи 1,5 милиони евра во наредната сезона, додека третиот голман Пинсољо има годишна плата од 300.000 евра. Пирло ќе има идентична заработувачка како и дефанзивецот Демирал, кој имаше серија одлични партии пред да заработи тешка повреда на коленото.

Според листата што ја објави „Газета дело спорт“, Роналдо ќе остане убедливо најплатен фудбалер на „старата дама“ со 31 милион евра што ќе ги инкасира Португалецот во наредната сезона. Де Лихт е втор со осум милиони евра, но се очекува Холанѓанецот да биде прескокнат од Дибала, кој според новиот договор што наскоро ќе го потпише ќе има загарантирани 10 милиони евра годишна плата.

 

Се вчитува...