Само пет прволигаши со стари тренери во пролетната сезона

ПИШУВА: Миодраг Мицковиќ

Одамна се нема случено во првенството на нашата Првата фудбалска лига дури седум од 12 клуба да стартуваат во пролетната сезона со нови тренери, не со оние со кои го започнаа шампионатот. Навистина несекојдневен рекорд што не е најдобро за статусот на тренерите во Македонија. И веднаш се поставува прашањето, колку се тие заштитени од фудбалските клупски моќници кои можат во секое време да им дадат отказ без да има било какви санкции за клубот или за нив. Се се сведува со веќе излитено соопштение меѓу клубот и тренерот, спогодбен раскин на договорот иако вистината е сосема поинаква. И уште едно прашање на кое никако да добиеме одговор. Дали во Македонија постои тренерска организација за да ги штити своите членови.

Пред да се вратиме на клубовите кои ги сменија есенва своите тренери, да ги посочиме петте клуба кои имаат доверба во своите. Тоа се Шкендија /Бруно Акраповиќ/, Шкупи / Гоце Седловски/, Струга Трим /Срѓан Захариевски/, Ренова /Ќатип Османи/ и Скопје /Љупчо Марковски/.
Сезоната на смена на тренери ја отворија Македонија Ѓ.П и Тиквеш. Наместо Александар Таневски во Ѓорче Петров беше ангажиран Муарем Бајрами, додека Тиквеш му се заблагодари на Пане Иванов со доаѓањето на искусниот Влатко Костов. За овие неколку есенски месеци Борец од Велес успеа да смени двајца тренери. Почна со Борче Христов, на неговото место дојде прилепчанецот Јане Николоски, но издржа само три кола и си замина. Во финишот на првенството, до избор на нов тренер за пролетната сезона клубот го водеа Баже Левков и Марјан Герасимовски.

Потоа на ред дојде Работнички, „спогодбено“ се раздели со Александар Влахо кој му го отстапи местото на поранешниот тренер на Борец Борче Христов. Покус не остана и Пелистер, по слабите резултати беше јасно дека ќе му даде отказ на Димитар Капинковски. Засега, битолскиот прволигаш го водат неговите помошници Горан Пашовски и Горан Генчев, нo веројатно за кусо време.

Кога си рековме дека е тоа крај на „сеча“ на тренерите дојде бомба од штипска Брегалница. Иако имаше успех есенва, четврто место на табелата, клубот ненадејно, засега не се познати причините, му кажа збогум на клубот тренерот Марјан Секуловски. И веднаш, само по два дена, како сето тоа да беше планирано, беше ангажиран поранешниот тренер на Вардар и Македонија и претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиевски. Списокот завршува со досегашниот тренер на Академија Пандев Александар Васовски, кој заминува не поради слаби резултати, имаше успеси, туку кариерата за првпат ќе ја продолжи во странство, потпиша договор со босанскиот прволигаш Сараево. Кој ќе го замени, наскоро ќе биде познато бидејќи, почнуваат подготовките за пролетната сезона.

Смена на тренери имаше и во двете втори лиги. Зарем тие да останат покуси од прволигашите. Во Втората лига запад „сезоната“ ја отвори Вардар, наместо Горан Симов кој имаше катастрофален старт дојде Никола Глигоров, Охрид го смени Драган Бочевски со ангажирањето на Петар Џигеровски. Интересно е да се напише дека Џигеровски како тренер почна во Велешта, но откако замина го замени Гајур Реџепи. Во меѓувреме Беса успеа да остане без двајца тренери. Првиот беше Менсур Јакупи, вториот Бујар Исмаил, но си заминаa, се чека на нов тренер. Тројца тренери се сменети и во Втората лига-исток. Кит Го од Пехчево остана без Емил Грнев, го наследи Трајче Сенев, Локомотива од Градско му се заблагодари на Димче Тодоров кој му го препушти местото на Никола Глигоров. Конечно, и Победа не беше задоволна од работата на Дарко Крстевски за да на неговото место дојде Димитар Капинковски.

Се вчитува...