„Самоубиство“ на Реал Мадрид против Бетис

Реал Мадрид експресно ја загуби предноста пред Барселона стекната со триумфот во Ел Класико откако „кралевите“ вечерва претрпеа пораз од 2-1 на гостувањето против Бетис.

Избраниците на Зинедин Зидан повторно одиграа просечен натпревар, немаа надмоќ над противникот, а на крајот платија за една грешка на сопствената половина, кога Бензема погрешно додаде, а Телјо го искористи тоа и од контранапад го постигна победничкиот гол за домаќините.

Сиднеи со прекрасен погодок го отвори резултатот во 40. минута, но овој фудбалер подоцна се претвори во трагичар, правејќи пенал над Марсело што Карим Бензема го претвори во погодок за израмнување, во судиското продолжение од првото полувреме.

Бетис беше тимот што покажа повеќе во вторите 45 минути, најпрвин Жоакин промаши зицер откако го мина и Куртоа, но затоа многу поприсебен во завршницата беше Телјо, кој рутински го совлада гостинскиот голман со удар од работ на шеснаесетникот.

Реал Мадрид по денешниот пораз повторно заостанува два бода зад Барселона, во следното коло „кралевите“ ќе го пречекаат Еибар, а Барса му гостува на тимот на Мајорка.

Се вчитува...