„Санчо може да си замине, но Халанд нема шанси“

Таткото на Ерлинг Халанд заедно со агентот Мино Раиола преговара со бројни клубови, но норвешкиот ас ќе остане во Борусија Дортмунд уште една година. Ова го порача директорот на „милионерите“, Михаел Цорк, напоменувајќи дека германскиот клуб нема намера да се раздели од својот најдобар стрелец.

Цорк истакна дека Борусија е подготвена да го продаде Џејдон Санчо летово, но дека кога станува збор за Халанд тука ставот на клубот е дециден – Норвежанецот не е за продажба.

„Санчо може да си замине доколку бидат прифатени одредени услови. Сите знаат дека постои џентлменски договор меѓу нас и Џејдон, дека летово нема да му стоиме на патот ако добие топ-понуда. Тоа воопшто не е случај со Халанд, ние сме горди што го имаме во своите редови и не ни помислуваме на негово заминување од клубот“, изјави Цорк.

Очигледна е решеноста на Борусија да го задржи Халанд, исто како што минатото лето беше случај со Санчо, кој и покрај сериозниот интерес од Манчестер Јунајтед сепак остана во Дортмунд. Халанд во јуни 2022 година ќе може да си замине за отштета од 75 милиони евра, според клаузулата што беше вметната при неговиот трансфер од Салцбург во Борусија.

Се вчитува...