Италијанскиот првак Јувентус се подготвува за продолжението на сезоната во Серија А и трката за шампионската титула со Лацио и со Интер, но веќе размислува и за засилувањата во летниот преоден рок. Тренерот Маурицио Сари сака да го реновира средниот ред, а негови големи желби се Жоргињо од Челси и Леандро Паредес од Пари Сен Жермен. Тие треба да бидат замена за Миралем Пјаниќ, кој е на чекор до заминување во Барселона, и за Адриен Рабио, кој исто така сака да го напушти Јувентус поради малата минутажа која ја доби во изминатиот дел од сезоната.
Фабио Паратичи тргна во офанзива за Жоргињо откако стана јасно дека Артур Мело дефинитивно не сака да се пресели во Италија и потенцираше дека ќе остане во Барселона. Како што одминува времето, трансферот на Пол Погба од Манчестер јунајтед е се понеизвесен за реализација, па Јувентус сите сили ги насочи кон Жоргињо, кој е член на Челси, а не би имал против да се врати во италијанскиот фудбал. Жоргињо и самиот сака да се врати назад во Италија и повторно да заигра за Сари, со кого имаше беспрекорна соработка во Наполи и во Челси.
Втората желба на Маурицио Сари е Леандро Паредес. Тој исто така има искуство од Серија А, беше дел од Рома, Емполи, Киево, а потоа замина во Зенит Санкт Петербург и во Пари Сен Жермен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА