Сари: Многу е тешко да се биде тренер на Роналдо

Маурицио Сари по една година пауза му се враќа на италијанскиот фудбал, искусниот стратег седнува на клупата на Лацио откако минатото лето доби отказ од Јувентус и покрај освоеното скудето.

Времето минато во Јуве останува главна тема при секое појавување на Сари пред медиумите, а поранешниот тренер на Наполи и Челси откри и како е да се работи со еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Кристијано Роналдо.

„Тренирањето на Кристијано Роналдо не е нималку лесно. Тешко е затоа што Роналдо секогаш има и свои лични интереси, кои понекогаш се поклопуваат со интересите на тимот, но некогаш и не се баш исти. Сигурно дека е тешко да го водиш Роналдо, јас на себе гледам како на подобар тренер отколку менаџер, сакав да се посветам на фудбалскиот аспект, а не на човечките односи внатре во тимот. Можеби за Јувентус секоја година се подразбира дека треба да го освои скудетото, но не гледам на тоа како на нешто нормално. Ние станавме шампиони, а не го ни прославивме трофејот, сите си отидоа сами на вечери со семејствата“, истакна Сари.

Тој не е согласен ниту за одлуката на „старата дама“ по неговото заминување одговорната улога за нов тренер да му ја додели на Андреа Пирло, кој беше без никакво искуство во сениорскиот фудбал.

„Тоа е оној ефект на Пеп Гвардиола, кој по одличната фудбалска кариера веднаш стана и врвен тренер, но тој е исклучок, а не правило дека успешните играчи веднаш можат да бидат и врвни тренери. Младите стратези мора да работат, да го минат целокупниот процес на станување на тренер пред да добијат шанса на највисоко ниво“, порача Маурицио Сари.

Се вчитува...