Сари викнал психолог да му помага на тренинзите со Јувентус

Професорот Џузепе Верчели е најновото засилување во стручниот тим на Мурицио Сари за време на тренинзите на Јувентус. Психологот бил повикан за да им ги намали стравовите на играчите околу пандемијата на коронавирусот. Првакот на Италија се врати на комплетни тренинзи подготвувајќи се за продолжението на сезоната закажано за 20 јуни. Претходно, Јуве треба на 12. јуни да го одигра возвратниот натпревар од полуфиналето на Купот против Милан.

Професорот Верчели е од Универзитетот во Торино, секојдневно е присутен на тренинзите бидејќи Сари сметал оти е неопходно играчите да добијат помош околу проблемите поврзани со пандемијата. Според истражувањата на ФИФПРО и универзитетот во Амстердам, огромна бројка фудбалери се пожалиле на анксиозност и на депресија во периодот на прекинот на шампионатите.

Јувентус сезоната ќе ја продолжи како лидер на табелата во Серија А, со еден бод предност пред Лацио. До крајот од шампионатот има уште 12 кола.

Се вчитува...