Сашко Пандев ја урна Шкендија, деби триумф за Струга Трим Лум

Актуелниот шампион Шкендија со пораз (1-0) од освојувачот на Купот, Академија Пандев, во Струмица го стартуваше новото првенство. Струга Трим Лум дебитираше со триумф (2-1) против Работнички, а домашни победи остварија и Шкупи и Ренова.

Академија Пандев го зеде скалпот на Шкендија. Сашко Пандев од слободен удар постигна фантастичен погодок во 55.минута и го совлада Костадин Захов, за уште поголеми главоболки за Ќатип Османи по очајната сезона на Шкендија и на европската сцена.


Во домашниот состав блескаше и голманот Душан Чубраковиќ, кој неколкупати одлично инервенираше и не дозволи да се тресе неговата мрежа по шутевите на Стенио Жуниор и на Агим Ибраими во првото полувреме, како и Фелипе и Радески во вториот дел. Агим Ибраими од слободен удар во 89.минута го погоди дирекот,а во следниот напад Егзон Бејтулаи со удар со глава ја погоди гредата од голот на Академија Пандев. Но, трите бода останаа во Струмица.

Струга Трим Лум го совлада Работнички со 2-1. Стружани по цели 25 години се повторно прволигаши, а Иван Марковиќ донесе водство за „романтичарите“ во 14.минута. Гостите не релизираа неколку шанси, а Бурхан Мустафов со одличен удар од далечина израмни во 26.минута. Во вториот дел, Нијас Лена во 61.минута комплетно го сврте резултатот во корист на домаќинот.

Башким Велија со одличен удар од далечина во 37.минута донесе стартен триумф за Ренова на дуелот против Силекс. „Гипсарите“ успеаја поголемата активност во поле да ја искористат за да постигнат победнички погодок.

На Чаир, Шкупи го совлада Борец со 2-0. Марин Јурина во 70.минута успеа да ја пробие одбраната на Борец, а Омар Гудијаби во 87.минута ги потврди трите бода на почетокот од сезоната за Шкупи.

Првото коло утре ќе го комплетираат Вардар и Македонија Ѓорче Петров со натпреварот кој се игра на комплексот на ФФМ, со почеток во 17.30 часот.

ПРВА ЛИГА, 1.КОЛО

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА 1-0

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – РАБОТНИЧКИ 2-1

ШКУПИ – БОРЕЦ 2-0

РЕНОВА – СИЛЕКС 1-0

УТРЕ

ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП (17.30)

Табела: Шкупи 3, Струга ТЛ 3, Академија Пандев 3, Ренова 3, Вардар 0 (-1), Македонија ЃП 0 (-1), Работнички 0, Шкендија 0, Силекс 0, Борец 0.

Се вчитува...