Се бара „лек’: Ќе може ли некој да го чува Стоилов во Клуж?

Романците се надеваа на чудо во баражот против Македонија, но веќе во првиот натпревар се соочија со реалноста – дека квалитативно заостануваат зад нашиот национален тим и пред баражот во Клуж в среда се соочуваат со „невозможна мисија“, да ги надополнат оние минус осум гола од Скопје. Борко Ристовски беше главна фигура со бројните интервенции, но според романската јавност главниот акцент во одбраната треба да се стави на Стојанче Стоилов, кој им создаде огромни главоболки на противниците на првата средба.

Најголем проблем не се блоковите на шутевите на Лазаров и на Талески, туку акциите со пивот. Стоилов и Пешевски се многу незгодни за чување и јасно е дека имавме проблеми во одбраната со нив. Двајцата македонски пивоти постигнаа вкупно пет гола, но создадоа огромен простор и изнудија дури седум седмерци. Прашање е ќе може ли некој да го чува Стиолов во реваншот, со оглед на фактот дека е тешко да се дојде до простор крај него“ – анализираат романските медиуми.

Чави Пасквал веднаш по поразот во Скопје истакна дека приказната во овој бараж е завршена, но едно е сигурно – тој нема предвреме да капитулира. Романците не престануваат да се надеваат на чудо, па иако квалитетот е на наша страна, македонскиот национален тим мора да одигра на највисоко ниво за да дојде до нова мундијалска виза. Раул како селектор и искуството на Лазаров, Миркуловски, Ристовски и останатите е гаранција дека нема да дојде до опуштање, а квалитетот повторно ќе биде на виделина и во Клуж.

Се вчитува...