Се налути газда Дестани: Ќе има промени во Шкендија!

Првиот човек на Шкендија, Лазим Дестани, преку соопштение до јавноста проговори за своето незадоволство од катастрофалниот старт на сезоната на тетовскиот клуб. „Црвено-црните“ имаа кошмарен настап во европските купови, за потоа во ист стил да продолжат и во домашното првенство, каде по три одиграни кола имаат освоено само еден единствен бод.

Разочаран од игрите и резултатите, Дестани најави дека ќе дојде до промени во клубот, не нагласувајќи дали тоа ќе се однесува на тренерот Ќатип Османи, кој веќе се наоѓа на излезна врата.

„Сакам да го изразам моето незадоволство од слабите резултати на Шкендија, овој голем пад што никако не смееме да дозволиме да продолжи. Не ја гледаме онаа Шкендија што навикнавме во последните години, тимот наместо да продолжжи со успеси, го стори спротивното во европските купови. Поразите во првите две кола и ремито на последниот меч се исклучително фрустрирачки за мене и моите најблиски, како и за сите навивачи на Шкендија и „Балистите“. Овие слаби резултати се јасен знак дека нешто не е како што треба и мора да се менува. Затоа, сакам да ве информирам дека веќе составив професионална работна група која ќе ја истражи ситуацијата во клубот, по што ќе бидат извршени промени во сите сектори. Очекувам фудбалерите да продолжат со професионална работа и да покажуваат игри какви што навивачите на Шкендија сакаат да видат од нив“ – се вели во соопштението на Лазим Дестани.

Се вчитува...