Се огласи и Вујо мајсторе: Вардар треба да биде мотив за целиот регион!

Македонскиот шампион Вардар е шестта екипа од регионот на кого му успеало да ја покори Европа. Партизан Бјеловар, Борац Бања Лука, Металопластика, Загреб и Пивоварна Лашко Цеље претходно стигнаа до европската шампионска титула од овој регион, а сега и „црвено-црните“ од Скопје.

Меѓу нив и Металопластика која на крајот од деведесеттите години од минатиот век владееше со Европа под водство на легендата Веселин Вујовиќ… Судбината сакаше потоа, популарниот Вујо да стане и еден од најомилените ликови на вардаровите „Комити“, па како што вели сега да се радува на европски трофеј на својот Вардар…

„Драго ми е што една екипа од Балканот по толку години повторно стигна до европската титула. Да бидам искрен, по мое мислење ова не е сензација, но е изненадување. Се надевам дека успехот на Вардар ќе биде импулс за сите оние кои вложуваат во ракометот во регионот. Се покажа дека Вардар е склоп на играчи со балкански менталитет, одлични манири и големо срце“ – вели Вујовиќ и дополнува:

„Само, искрено, стравувам што ќе биде понатака. Знаеме што се случи со ракометарките на Кометал кои станаа европски шампионки, а потоа за кратко исчезнаа“.

Veselin Vujovic 5

Според Вујо, Вардар немал играчки кадар за титула, ниту претходно сезонава ниту во Келн, но имал извонредно водство од клупата.

„Раул Гонзалес најдобро ја постави играта, ги скенираше противниците, играше најосмислено и најкреативно од сите, па мислам дека пресуди клупата. Мора да признам дека малку ми е дегутантно да ги коментирам Барса и ПСЖ затоа што со така квалитетни ракометари одиграа толку тактички очајно… Дури мислам и дека Веспрем требаше да игра финале“ – коментира човекот кој со Металопластика беше двократен европски шампион и завршува:

„Драго ми е, исто така, што се покажа дека парите дефинитивно не се пресудните во спортот. За Вардар ова беше прв Ф4 турнир и никој не веруваше дека може до титулата. Се виде дека единственото правило на Фајнлфор е дека нема фаворити, и тоа е добро за ракометот“.

Се вчитува...