Прв клуб кој јавно го бојкотира Катар: Не сакаме фудбалско првенство по цена на животот!

Светското фудбалско првенство во 2022 година што ќе се одржи во Катар носи голем број контроверзии. Начинот на кој е избран домаќинот на СП 2022 е секако сомнителен и се смета дека организацијата на овој турнир буквално била продадена на оваа земја. Катар, кој важи за една од најбогатите држави во светот, реши да направи своја промоција преку организација на големи спортски натпревари, а Светското првенство ќе биде „шлаг на тортата“.

Она што е особено загрижувачко, а за кое многу малку се пишува и известува е фактот дека стотици работници починале додека работеле на изградба на стадионите во Катар и дека оние кои работат за да преживеат, минуваат низ вистински пекол. Најчесто тоа се луѓе кои дошле од сиромашни земји за да заработат нешто, но овие „дневници“ понекогаш се многу мали или непостоечки, а условите се застрашувачки!

Норвешкиот клуб Тромсо, стана првиот клуб кој јавно објави бојкот за Светското првенство во Катар.

„Веќе неколку години има силни критики до ФИФА и Катар во врска со Светското првенство во 2022 година. Сè започна со доделувањето на шампионатот, што неколку тимови го нарекоа корумпирано, проследено со извештаи за несоодветни услови за работа, а истите се однесуваат на работниците кои се ангажирани за изградба на фудбалските стадиони. Различни луѓе пријавија многу смртни случаи поврзани со Светскиот фудбалски турнир. Ваквиот систем и ангажман на работници го опишуваме како модерно ропство“, стои во соопштението на клубот.

Тромсо ќе побара од Норвешката фудбалска асоцијација да го поддржи нивниот бојкот за Светското првенство во Катар. Доколку е потребно, тие бараат норвешките репрезентативци да одбијат да патуваат на Светското првенство во фудбал, доколку успеат да се пласираат на истото.

„Среќни сме што многу луѓе го сакаат фудбалот. Парите станаа и ќе бидат секогаш дел од нашиот спорт. Сепак, ова не смее да значи дека истовремено прифаќаме корупција, опасна по живот, работење во лоши услови, а како резултат на тоа да гледаме загубени животи. Тромсо верува дека е време да се запре фудбалот и да се направат неколку чекори назад. Треба да размислиме што е идејата за фудбалот и зошто толку многу луѓе го сакаат нашиот спорт. Факт е дека гледаме постоење на корупција, модерно ропство и голем број на мртви работници, ова треба да го акцентираме и да го бојкотираме, не сакаме Светското првенство по цена на животот. Затоа, не можеме повеќе да седиме и да гледаме како луѓето умираат во името на фудбалот. Време е за промени и нови правила“, се вели на веб-страницата на норвешкиот тим.

Се вчитува...