Се сеќавате ли дека играле заедно: Шукер и Лампард, Баџо и Пеп, Варди и Кејн…

Се сеќавате ли во кој тим заедно играа Покетино и Роналдињо? Или Јаја Туре и Ривалдо? Погледнете ги неверојатните тандеми на врвни фудбалери кои краток дел од кариерите минаа заедно….

Алексис Санчез – Радамел Фалкао

Двајцата јужномаерикански фудбалери повеќе од една деценија се „ѕвезди“ во европскиот фудбал, но пред да дојдaт на Стариот Континент заедно играа во Ривер Плејт, од 2007 до 2008 година. Тоа беше напад од соништата на Ривер, Алексис дојде на позајмица од Удинезе и се покажа како одлично засилување, а Фалкао се промовираше во нов голгетер од највисока класа, по што Колумбиецот се пресели во Порто.

Роберто Баџо и Пеп Гвардиола

Бреша под водство на Карло Мацоне успеа да го убеди Роберто Баџо да дојде и да ја заврши кариерата токму во овој клуб. Покрај „малиот буда“, Бреша успеа да доведе уште еден голем ас во својот табор, поранешниот капитен на Барселона, Пеп Гвардиола. Тој беше донесен како замена за Андреа Пирло, но не одигра премногу натпревари крај Баџо, кој во осмото коло од сезоната 2001/02 заработи повреда на коленото, а во јануари го скина и менискусот. Откако не беше повикан во репрезентацијата за СП 2002, „малиот буда“ реши да ја заврши кариерата, а Гвардиола во 2002 година се пресели во Рома.

Тони Крос и Артуро Видал

Сега настапуваат за лутите ривали Реал Мадрид и Барселона, но Крос и Видал на почетоците од кариерата беа соиграчи – во таборот на Баер Леверкузен.

Крос беше член на Баерн Минхен, но баварскиот гигант во јануари 2009 година му дозволи да замине на 18-месечна позајмица меѓу „фармацевтите“, за да се здобие со неопходното искуство. Тоа се покажа како одличен потег, Крос веднаш блесна во средниот ред на оваа екипа, каде за соиграч го имаше Видал. Чилеанецот дојде во Баер во 2007 година од Коло Коло, а по одличните игри за овој тим си обезбеди трансфер во Јувентус.

Френк Лампард и Давор Шукер

Френк Лампард е клупска легенда на Челси, но поранешниот англиски репрезентативец кариерата ја почна во Вест Хем, клуб каде ги напраи првите чекори во професионалниот фудбал. Тој остана меѓу „чеканите“ до 2001 година, а последната сезона во Вест Хем за соиграч го имаше Давор Шукер. Легендарниот хрватски голгетер пристигна во Премиер-лигата од Реал Мадрид, но не се снајде во Арсенал, потоа ниту во Вест Хем, постигнувајќи само два гола на 11 средби пред да се пресели во Минхен 1860.

Хуан Пабло Аимар и Жерар Пике

Пике како дете потпиша за Манчестер Јунајтед, но „ѓаволите“ на почетокот од професионалната кариера го пуштија на позајмица во Сарагоса (сезона 2006/07). Таму за соиграч го имаше Хуан Пабло Аимар, аргентинскиот генијалец кој пристигна од Валенсија за сума од 11 милиони евра. Во заедничката сезона двајцата асови ја одведоа Сарагоса до шестото место на табелата.

Пике се врати назад во Манчестер, Аимар остана, но следната сезона беше катастрофална, Сарагоса испадна од Примера Дивизион, по што аргентинскиот плејмејкер беше продаден во Бенфика за 6,5 милиони евра.

Маурицио Покетино и Роналдињо

Едниот на завршница од кариерата, другиот штотуку почнуваше да го покажува раскошниот талент, Покетино и Роналдињо пристигнаа заедно во ПСЖ во 2001 година и останаа во овој клуб две сезони. Освоија еден трофеј, оној во 2001 година во Интер-Тото Купот, по што Покетино беше продаден во Бордо, додека Роналдињо за 30 милиони евра се пресели во Барселона.

Иван Ракитиќ и Месут Озил

Двајцата извонредни фудбалери за врска минаа една година играјќи заедно во Бундес-лигата, во дресот на Шалке. Озил токму во овој клуб ја почна кариерата, по што во 2008 година се пресели во Вердер. Една година претходно во Гелзенкирхен од Базел пристигна Ракитиќ, а со двајцата генијалци во тимот Шалке стигна до третото место на табелата, зад Баерн Минхен и Вердер.

Мануел Нојер и Раул

Легендарниот голгетер Раул Гонзалес во 2010 година по 16 сезони во Реал Мадрид реши да го напуши „Сантијаго Бернабеу“, за нов клуб избирајќи го Шалке. Во двете сезони во синиот дрес шпанскиот ас постигна вкупно 28 погодоци, а во првата сезона крај себе го имаше Мануел Нојер, кој тогаш ја почнуваше професионалната кариера.

Двајцата беа меѓу најзаслужните за освојувањето на Купот на Германија, прв национален куп што Раул го освои во својата фантастична кариера. Нојер во 2011 година се пресели во Баерн Минхен, а Раул остана уште една година во Шалке, по што реши кариерата да ја продолжи во Ал Сад во Катар.

Џејми Варди и Хари Кејн

Двајцата се уште важат за голгетери од највисока класа, но малкумина знаат дека Варди и Кејн имаат играно заедно една сезона, во дресот на Лестер. Тотенхем го шеташе младиот Кејн по позајмици во Лејтон Ориент, Милвол и Норвич, за тој во 2013 година да пристигне и во Лестер. „Лисиците“ се натпреваруваа во Чемпионшип, но имаа извонредна сезона во која Варди беше лидер со 16 погодоци, Кејн постигна само два гола, но она што е најважно – Лестер обезбеди влез во Премиер-лигата. На крајот од сезоната Кејн се врати во Тотенхем и полека, но сигурно добиваше се повеќе шанси да се докаже во таборот на „спарси“, додека Варди остана во Лестер до ден денеска, станувајќи клупска легенда како дел од тимот што чудесно стигна до титулата во Премиер-лигата под водство на Клаудио Раниери.

Роналдо и Еидур Гудјонсен

За Роналдо е добро познато дека фантастичната кариера во Европа ја почна во ПСВ Ајндховен, но за многумина е непознато дека за соиграч во тој дел од кариерата го имаше Еидур Гудјонсен. За „феноменот“ холандскиот гигант беше отскочна даска пред трансферот во Барселона, додека Гудјонсен немаше многу среќа, поради тешка повреда на скочниот зглоб беше принуден да се врати во татковината, каде потпиша за Рејкјавик.

Се вчитува...