Се тресеше гората се роди глушец: Баерн цврсто застана зад Нико Ковач – виновни се медиумите!

Фудбалската јавност во Европа денеска беше насочена кон прес-конференцијата на Баерн Минхен на која, согласно шпекулациите, се очекуваше отказ за тренерот Нико Ковач. Но, наспроти драматичните најави за прес-конференцијата на раководството на тимот, се се сведе на критика кон медиумите за начинот на кој известуваат за Баерн и на безрезервна поддршка на работата на хрватскиот тренер.

„Неверојатно е што се се изначитав периодов за клубот и неговите фудбалери. Тука е еден Мануел Нојер кој заслужува многу поголема почит. Па човекот е светски шампиони, и четири пати бил најдобар голман во светот. Или она што го читам за Боатенг и Хумелс… Неверојатно. Може треба да погледнете преку граница да видите како се штитат фудбалерите во другите земји. Ова не го зборувам само за новинарите, туку и за сите наводни ‘стручњаци’ и поранешни наши фудбалери кои сега се јавуваат да зборуваат. Пред три недели вие медиумите пишувавте дека Баерн ќе ја заврши сезоната без пораз, а сега за некаква незапаметена криза. Нема никаква криза, а ние во клубот одлучивме од сега да ги тужиме сите кои ќе шират лаги“ – истакна Карл Хајнц-Румениге, на кого се надополни и претседателот Ули Хенес.

„Покрај нападите кон Баерн Минхен, срамни се нападите и кон селекторот Јоаким Лев. Но, тоа е друга приказна. А Баерн од сега нема да трпи таков медиумски третман“.

Спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ истакна дека клубот целосно е зад Нико Ковач….

„Имавме добри натпревари и потоа една лоша низа. Но нема да има отказ за Ковач. Сетете се и вие новинарите колку многу не фалевте на почетокот од сезоната. Ние сме свесни за нашите грешки, но сигурно нема нив да ги обелоденуваме во јавност. Секогаш ќе ги браниме нашите фудбалери и стручен штаб, доволно и самите тие се самокритични. Тоа е големината на Баерн“ – рече Салихамиџиќ.

Претходно, германските медиуми на големо тврдеа дека ќе следи отказ за Ковач, а како негови можни наследници се спомнуваа имињата на Арсен Венгер и Зинедин Зидан. Но, засега ништо од тоа!

Се вчитува...