Себастијан Коу: Атлетиката носи најмногу пари на Олимписките игри

Во стил на големите спортски ѕвезди, Себастијан Коу во Скопје пред новинарите се појави релаксиран и подготвен за разговор. При влегувањето забележа дека на мониторот одат снимки од неговите трки. Спонтано се пошегува…„Добро е што не се црно-бели“. Лордот Коу е едно од најславните имиња на британската, но и на светската атлетика. Тој е најпознатата спортска ѕвезда, претседател на голема федерација.

Себастијан Коу постигна исклучителни резултати на средните патеки. Има две златни и две сребрени олимписки медали од Игрите во Лос Анџелес и во Москва. Постави осум светски рекорди на отворено и уште три во сала. Пред да стане претседател на Светската атлетска федерација имаше бројни функции во олимпизмот.

Во 2015 година беше избран за претседател на ИААФ, победувајки го во трката Сергеј Бубка.

Каква е стретегијата на ИААФ за малите земји на кои очигледно им е потребна и финансиска и логистичка поддршка за да имаат подобри резултати во атлетиката, каков што е случајот со Македонија ?

-Пред три години формиравме специјален фонд  од кој на земјите кои ќе понудат проект им доделуваме по 25.000 евра за реализација. Ова засега функционира. Добро е да се инсистира на развој на атлетика уште од училишните денови. Атлетиката е база на сите спортови и без нејзин развој тешко може да има просперитет на спортски план.

Кои се модерните предизвици, а кои се проблемите на атлетиката ?

-Предизвиците и проблемите се едно исто. Да се остане атрактивен и во тек со модерните движења. За да го постигнеме ова  мора да бидеме иновативни, да менуваме.  Ги менуваме правилата кои се застарени за да добиеме на динамика. Го менуваме форматот на Дијамантската лига. Го правиме атрактивен. Особено внимание посветуваме на односот со телевизиите. Инсистираме  и ни успева да не има на што повеќе „free to air“ телевизии.

Морам да кажам дека атлетиката е главен олимписки спорт. Огромен процент од спортистите учесници на Игрите, речиси 50 проценти се од атлетиката. Главниот фокус на телевизиите од Олимписките игри е атлетиката. Најголемиот профит од ТВ преносите од ЛОИ се генерира токму од атлетските случувања.

ВАДА ја укина суспензијата за руската анти-допинг агенција, што значи ова во контекст на суспендираните руски атлетичари? Каков развој можеме да очекуваме околу овој случај во блиска иднина ?

-Околу овој случај ИААФ има формирано специјално тело кое го следи развојот на ситуацијата. Светската анти-допинг агенција и ја врати дозволата на РУСАДА, но тоа не значи автоматско враќање на руските атлетичари. Суспензијата е од 2015 година. Во декември годинава ќе го добиеме најновиот извештај на специјалната комисија и врз основа на тие препораки ќе решиме како понатаму во овој случај.

Од бројните трки кои ги имавте низ кариерата, за која би можеле да кажете дека ви е посебно драга ?

-Морам да ги издвојам Олимписките игри во Лос Анџелес, беше исклучително напорно. Многу трки со само еден ден за одмор пред финалето на 1500 метри во кое победив.

Лордот кој ја предводи кралицата на спортовите е доктор на науки и беше вбројан меѓу 100-те луѓе кои го обликуваат 21. век.

Се вчитува...