Себастијан Коу доаѓа во Скопје

Претседателот на Светската атлетска федерација (ИААФ), Себастијан Коу, утре и в понеделник ќе престојува во Скопје како специјален гостин на Атлетската федерација на Македонија. Тој доаѓа во Македонија по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на АФМ и ќе присуствува на централната свеченост која ќе се одржи утре.

Ова е првпат претседател на ИААФ да ја посети Македонија. Високиот гостин предвидено е да се сретне со претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски, со претседателот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, како и со други личности од спортот и од општествениот живот на Македонија.

Лорд Себастијан Коу е поранешен атлетичар на средни патеки, освојувач на четири олимписки медали, од кои два златни, на 1.500 метри на ЛОИ во 1980 и 1984 година. Тој постави осум светски рекорди на отворено и три светски рекорди во сала, а во 1979 година трипати подобруваше светски рекорд во период од 41 ден. Рекордот што го постави на 800 метри во 1981 година не беше подобрен се до 1997 година.

По завршувањето на активната атлетска кариера, Себастијан Коу беше активен политичар во Велика Британија, а потоа и член на Организацискиот комитет на Меѓународниот олимписки комитет. Од 2015 година е предводник на светската атлетика.

Се вчитува...