Себастијан Коу во Македонија: Атлетиката е основа за живот на нацијата

Претседателот на ИААФ, Себастијан Коу, е почесен гостин на прославата на 70-годишнината од основањето на Атлетската федерација на Македонија. Тој ќе присуствува на свечената седница на АФМ, а одржа прес – конференција, на која беа и водечките луѓе на атлетскиот спорт во нашата земја, како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

„Пред три години се согласив да дојдам во Македонија и драго ми е што успеав во тоа. Го поздравувам она што го правите во атлетиката, со страст и посветеност работите на овој спорт. Зборуваме за значењето на атлетиката за животот на нацијата. Основата на се во спортот е атлетиката, а базата на атлетиката се клубовите. Гледам дека овде има посветеност во развојот на училишниот спорт и среќен сум што тоа е приоритет на владата – да се вклучи атлетиката во училиштата“, изјави Себастијан Коу, кој утре ќе присуствува на Балканскиот атлетски конгрес каде ќе сподели искуства за развојот на атлетиката.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, го поздрави доаѓањето на Себастијан Коу во Македонија и истакна дека тоа е еден поттик повеќе за да се продолжи со напорна работа и подобрување на условите во атлетскиот спорт во нашата земја.

„Од името на владата му посакувам добредојде на гостинот. Со неговото доаѓање покажуваме колкава е поддршката од ИААФ за нашата земја и за атлетиката. Тоа за нас треба да биде обврска да работиме повеќе за развој на атлетиката. Се согласивме дека приоритет се младите категории и секако, подигнување на условите и на стандардите во атлетскиот спорт“, истакна Дарко Каевски.

Се вчитува...