Седлоски: Чест ми е што ќе го водам Работнички, клуб со голема традиција и реноме

Трофејниот македонски стратег и легендарен македонски репрезентативец Гоце Седлоски е нов шеф на стручниот штаб на ФК Работнички. Тој потпиша договор на 18 месеци и ќе има мисија да ги врати „романтичарите“ на старите шампионски патеки.

Седлоски е без ангажман откако оваа година го водеше тимот на Влазнија, а во минатото беше во Шкупи, Динамо Загреб 2, Широки Бријег, Рига, Хоризон Турново, а најголемите успеси ги запиша како тренер на Вардар, кога освои две шампионски титули, и еден Супер Куп.

„Чест ми е што доаѓам во ФК Работнички, клуб со голема традиција и реноме во македонскиот фудбал, поранешен шампион и освојувач на Купот. Би сакал да се заблагодарам на новото раководство на клубот за укажаната доверба, ја сфаќам како сериозна обврска и ќе се вложам максимално за да ги оствариме целите што заедно ги зацртавме. Веруваме дека овој проект на крајот ќе донесе многу радости и трофеи во ФК Работнички. Мојот начин на работа кој носеше титули ќе се потрудам да го наметнам и овде. Ред, работа, дисциплина и верба во сопствените квалитети се принципите што секогаш и секаде ги носам со себе и верувам дека ќе ги воспоставиме и во тимот на Работнички. Има голем потенцијал во овој тим, а верувам дека со уште неколку засилувања ќе изградиме колектив со кој ќе се гордееме“, вели новиот шеф на стручниот штаб на ФК Работнички, Гоце Седлоски.

Се вчитува...