Седлоски поднесе оставка во Широки брег, се враќа во Вардар

Поранешниот стратег на Вардар, Гоце Седлоски, како што беше објавено и претходно, се враќа во црвено-црните редови но на позицијата спортски директор на најтрофејниот македонски клуб.

Седлоски, кој во минатото ги извршуваше и двете функции во клубот, сега повторно се враќа во Вардар на местото на досегашниот спортски директор, Дарко Панчев кој, де-факто, од поодамна нема никаква улога меѓу „црвено-црните“.

Седлоски синоќа си поднесе и оставка на тренерската функција во редовите на босанскиот прволигаш Широки Брег. По поразот на Широки од Челик од 0-1 на домашен терен, но и по експресната елиминација на тимот на европската сцена ова лето, Седлоски си поднел оставка па сега повторно се враќа во македонскиот фудбал.

Вардар, поради финансиски причини, ова лето остана без настапите на европската сцена а поради административни пропусти доби и забрана за трансфери во два преодни рока. Што би се рекло, и новата функција на Седлоски како спортски менаџер ќе биде, во суштина, во мирување цела една година се до јуни 2020 година. Гоце Седлоски и при првото доаѓање во Вардар во јануари 2015 година пристигна на функцијата спортски директор, а потоа по само шест месеци седна на тренерската клупа на местото на Сергеј Андреев.

 

Се вчитува...