Седлоски: Трпеливо, паметно до позитивен резултат против Санта Клара

Шефот на стручниот штаб на Шкупи, Гоце Седлоски вели дека неговиот тим ќе мора да одигра трпеливо, паметно и концентрирано на утрешниот прв натпревар против португалската Санта Клара од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига.

Според Седлоски, Шкупи ќе игра на победа, но мора сериозно да внимаваме против квалитетниот противник затоа што има и реванш во Португалија.

„Желбата е да одиграме еден добар натпревар и да ги израдуваме навивачите со победа. Нормално, пред себе имаме еден тежок противник кој игра брз и агресивен фудбал, но и ние имаме свои адути. Секако, утре ќе биде само првото полувреме, затоа што не очекува реванш дуел на кој верувам ќе биде одлучен патникот во следното коло. Затоа мора малку тука да бидеме трпеливи и смирени, затоа што не очекуваат и дополнителни 90 минути на гостински терен“ – истакна Седлоски на денешната прес-конференција, притоа дополнувајќи:

„Направивме анализи на Санта Клара. Имаат одлични индивидуалци во тимот, но резултатот ќе зависи и од нашата игра. Мора да бидеме подобри од претходните дуели на европската сцена, и момците се свесни за тоа. Знаат играчите дека ќе играме офанзивен фудбал, така ќе биде и утре, иако се зависи и од тоа колку ќе ти дозволи противникот. Затоа мора трпеливо, паметно до позитивен резултат на првиот меч“.

Се вчитува...