Седлоски: Значаен успех за клубот и фановите, сега со уште поголем мотив на дуел со Санта Клара

Шефот на стручниот штаб на Шкупи, Гоце Седлоски не го криеше задоволството од пласманот на неговиот тим во втората рунда натпревари од квалификациите во УЕФА Конференциската лига.

Шкупи синоќа ремизираше (1-1) на гостувањето против Лапи во Приштина, па со вкупни 3-1 продолжува во Европа.

„Честитики за фудбалерите и благодарност до фановите кои дојдоа од Скопје да не бодрат на овој натпревар. Секако задоволни сме од пласманот во следната рунда натпреварите. Во првото полувреме Лапи имаше иницијатива на мечот, но во вториот дел нашите момци одиграа далеку подобро, имавме шанси и да го решиме натпреварот во наша корист, но на крајот ремито е секако доволно за продолжување на европскиот пат“ – истакна по мечот Седлоски, притоа дополнувајќи:

„Ова е значаен успех за клубот и фановите бидејќи долго време сме немале ваков резултат. Сега не очекува пресметка со навистина квалитетен тим, Санта Клара од Португалија, против која верувам ќе имаме мотив за уште подобри изданија“.

Првиот натпревар со Санта Клара се игра на 22. јули во Скопје на националната арена „Тодор Проески“.

Се вчитува...