СЕДМЕРЕЦ: Битката за Келн

Екипа

„Мислете на играта, заборавете на судии“, најдобриот совет до „црвено-црните“ за да бидат големи меѓу големите

1. Лекција за Фленсбург

„Ако сакаме во Келн, мора да одиграме и во Фленсбург“ – порача Раул Гонзалес пред четвртфиналето во Лигата на шампионите. Вардарци, од прв до последен, го исполнија барањето на тренерот.

Сакаат во Келн, одиграа во Фленсбург, го победија германскиот противник и покрај сите „најави“ и „дојави“, имаат два гола предност и реванш во Скопје и со една нога веќе се во завршницата на ЛШ.

Три години Вардар и сите оние што ги сакаат „црвено-црните“ го сонуваа Келн. И секогаш беа блиску, а на крај сепак, далеку од светлата на „Ланксес Арена“.

Во четвртиот обид веќе се „зрели“ за место под рефлекторите во големата четворка во ЛШ. И, блиску до Келн како никогаш досега. Од сонот ги делат само уште оние 60 минути во четврток во „Јане Сандански“.

Дека ќе биде „вулкан“ или „пекол“, тоа нема никакво сомнение. И на трибините и на терен. Дека ќе биде „пеколно тешко“ и тоа е јасно како ден. Германците не се предаваат лесно. Го најавија тоа Љубомир Врањеш и неговите ракометари веднаш по шок-поразот во Фленсбург. Го знаеме тоа и од искуство.

Но, во тениски жаргон, вардарци сега имаат меч топка на свој сервис. Во Германија му одржаа лекција на Фленсбург, посебно во првото полувреме. Во Скопје треба само да го повторат ударот и да биде гем-сет-меч.

Само нека помине и тој четврток!

2. Не сакаме Данци, сакаме Романци…

И нека го следат „црвено-црните“ советот и искуството на стариот вардарец, Михајло Михајловски.

„Мислете на играта, заборавете на судии…“ , им порача човекот кој повеќе од три децении го предводеше Вардар, и во добро и во лошо.

Беше тоа мудар одговор и смирување на страстите по онаа бомбастична изјава на сегашниот „газда“ на Вардар, Сергеј Самсоненко, за европска завера против македонскиот шампион и судиска неправда…во најава?!

Спорно за раководството на Вардар е делегирањето на данските судии Мартин Гјединг и Мадс Хансен за реваншот со Фленсбург во Скопје. Затоа што во Фленсбург играат многу Данци и има дански капитал во клубот.

Имаше порано една детска игра „САКАТЕ ЛИ ВОЈНА?“. Па, одеше „сакаме“, па прашање „да пукаме?“, па одговор „пукајте“… и се разгоруваше пукањето.

Е, па нешто слично се „разигра“ и по „опасниот“ прес на чениците на Вардар пред четвртфиналната битка во ЛШ.

И добриот и лошиот глас далеку се слуша, па брзо се слушна и повикот од „Јане Сандански“ , а, и одговорот „од горе“. „Непријателска Европа“ брзо по пресот го потсети рускиот газда дека немал ништо против кога Русите Зотин и Володков му судеа на Вардар кога го победи Пик Сегед во гости. Не чепнаа по социјалните мрежи и за Романците во ланскиот бараж со Чешка, колку да не потсетат. И за тоа кој е главен на судиите во ЕХФ…

Од германска страна дојде и „анализата“ на официјалниот сајт на ЕХФ, со „петте причини зошто Кил и Фленсбург ќе играат на Ф4 во Келн“. Колку да  потсетат кој е кој во европскиот ракомет. Или да одговорат на скопската провокација. Кој знае…

И се разгоре битката за Келн.

За среќа оваа „опасна предигра“ не се пренесе на терен. Барем во првите дуели. Таму, концентрацијата сепак, беше на играта. Не на „игрите“. И видовме четири извонредни дуели со врвен ракомет, две гостински победи и два „тесни порази“. Некој со поголеми, некој со помали шанси, сите се пак во игра.

Битката за Келн продолжува. Од четврток до недела ќе се види кој е кој, кој е во право, кој е во криво…

3. Се е исто како лани, само Ким го нема

За разлика од „војната“ за Келн, во женскиот Ф4 во Будимпешта е речиси идилично мирно. Исти учесници и на крај, исти противници во полуфиналето две години по ред.

Тамам, да се потврди доминацијата. Или да се израмнат сметките.

Вардарки за долгопосакуваното финале повторно ќе ги вкрстат копјата со ЧСМ Букурешт, но, овој пат Романките со улога на бранители на титулата.

Со оглед на тоа дека другите опции беа Ѓер или Будуќност, ЧСМ Букурешт и годинава беше најпосакуван од трите можни противници.

Само што овој пат во Вардар не скокаа од радост по ждрепката како лани, превреме славејќи го големото финале. Оти, нели, ја научија лекцијата од лани. Ред е сега вардарки само уште да го положат и испитот „Полуфинале во Будимпешта“- четврти дел.

Има и сила и квалитет и мотив и една интересна заедничка нишка што ја имаат македонскиот и романскиот шампион две години по ред. Лани ги поврзуваше тренерот Ким Расмусен, кој сезоната ја почна со Вардар, а ја заврши на европскиот подим со ЧСМ Букурешт, откако во полуфиналето го елиминира Вардар. Годинава повторно заедничкиот момент им е на клупата. Се натпреваруваат кој повеќе тренери ќе смени за една сезона.

Тука засега е нерешено, 3-3.

„Мајсторката“ ќе биде на 6 мај во Будимпешта.

4. Враќање на „отпишаните“

Во сенка на битките и ждрепките за фајнал-форите во ЛШ, протоколарно помина селекторскиот дел од работата на Раул Гонзалес за оваа седмица – објавувањето на списокот на репрезентативците за завршните четири натпревари од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска.

Новиот селектор ја фаќа работата од почеток. Ги „затна“ дупките од претходната револуционерна реконструкција, го врати „отпишаните“ од Лино Червар и Борко на голот. Најави општа мобилизација, оти „ѓаволот ептен ќе ја однесе шегата“, ако „заглавиме“ со Исланд во временскиот теснец меѓу четвртфиналето и Ф4 во ЛШ.

Некои велат, Раул го поништил подмладувањето на Червар.

Не бе, какво поништување, Кирил Колев пак е на списокот…

Се вчитува...