СЕДМЕРЕЦ: Додека трае обнова, нема одмор-a!

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Раул Гонзалес со Вардар во четвртокот го прослави пласманот на Ф4 во Келн, а денеска првомајски ударнички од сабајле се фати работата со македонската репрезентација

1. Кај Столе во „кафана“

Велат, кој чека ќе дочека. Треба само доволно трпение. Вардар ги дочека своите пет минути во Лигата на шампионите и во својата најуспешна сезона го оствари сонот – да биде дел од завршницата во Лигата на шампионите и од големиот ракометен спектакл на Ф4 во Келн.

По три четвртфиналиња во кои Келн три години по ред не го видоа „за малку“, вардарци во четвртиот обид „наплатија“ за сите три претходни и го направија и тој  голем чекор напред да влезат во големата четворка што ќе се бори за шампионската титула во Европа.

Првото место во групната фаза веќе беше јасен предзнак дека Вардар сезонава е „зрел“ за Келн. Имаше, не дека немаше, и сомнежи и надежи.

Од оние „најјаки сме, титула во ЛШ мора да освоиме“, па до песимистичката варијанта „до тука им е, не можат повеќе“, па „Европа не мрази“, па ’узбуната’ со данските судии и германските завери…Што се не се сврте пред историско четвртфинале со Фленсбург!

За среќа, на крај најполезен испадна оној совет „мислете само на играта…“ Вардарци мислеа на играта, трпеливо ја чекаа својата шанса и овој пат, знаеја да ја искористат. Вардар ја научи лекцијата од претходните години. Овој пат не беше гол повеќе или помалку, туку беше потполна доминација и супериорност. И играчки и тактички. Вардар не ги бранеше двата гола предност од Фленсбург, туку напаѓаше и ги направи 10 на крај. Што е сигурно сигурно. Љубомир Врањеш знаеше што го чека во Скопје, ги лоцира сите опасности, но не успеа да ги реши. Раул Гонзалес мирно си ја играше својата игра, паметно ротираше и го држеше натпреварот под контрола. Играчите дисциплинирано и прецизно реализираа се што беше смислено од клупата. А, Арпад Штербик на голот си беше…па, Арпад Штербик!

Фленсбург остана поразен и немоќен во Скопје.

Публиката на крај им отпеа „Auf Wiedersehen“ !

Вардар се пласира во Келн. Фала и пријатно.

Раул по мечот со олеснување воздивна – КОНЕЧНО!

И додаде уште една „историска изјава“: „Сега одиме кај Столе во кафана“.

Ги научи Шпанецот и јазикот, ама и македонските „обичаи“. Очигледно.

2. Две причини зошто Германците нема да одат Келн

Во големата четворка што ќе се бори за титулата во ЛШ на годинашниот Ф4 во Келн се: Вардар, Барселона, ПСЖ и Веспрем.

Ќе нема Германци во Германија првпат откако се игра завршницата на ЛШ во овој формат со Ф4 турнир во „Ланксес Арена“. И спротивно на онаа анализа што ја крена тензијата пред четвртфиналето дека Келн едноставно, не може да остане без Германци, се случи токму спротивното. Најсилната ракометна лига ќе ја нема во завршницата на ЛШ.

А, регионалната СЕХА лига ќе биде застапана двојно, со Вардар и со Веспрем. Шампионот и финалистот од Ф4 во Брест ќе играат и на Ф4 во Келн.

Фленсбург и Кил, со сите причини „за“, не го минаа последниот четвртфинален филтер за пласман на Ф4.

А, две од причините зошто Германците ќе ги нема во Келн се Вардар и Барселона.

Шпанците со македонскиот шампион го решија Фленсбург, Македонците со шпанскиот шампион го поминаа Кил. Германците ќе немаат свој претставник во Келн, ама затоа Македонците ќе ги имаат и Вардар и Кире Лазаров и Борко Ристовски со Барселона на завршниот турнир во ЛШ.

Барселона ќе се бори за рекордна деветта титула во ЛШ. Вардар го бележи својот прв настап на Ф4 што е и прв настап на една македонска екипа во завршницата на ЛШ во машка конкуренција. И испишува нова историја во елитното европско натпреварување како прв клуб што ќе го има и на машкиот Ф4 во Келн и на женскиот Ф4 во Будимпешта во иста сезона.

Што ќе биде понатаму, ќе видиме. Но, засега и ова е доволно за да тргне македонската навивачката инвазија, првиов викенд од мај традиционално на Будимпешта, а последниот на Келн.

Навивачката кондиција меѓу Будимпешта и Келн ќе се држи на двата натпревари на македонските ракометари против Исланд во квалификациите за ЕП 2018. Први за Раул Гонзалес во улога на селектор на македонската клупа, клучни за Македонија за нов почеток и пласман на ЕП во Хрватска.

3. Раул тргна „ударнички“

Првиот собир на македонската репрезентација под водство на новиот селектор беше утрово во „Борис Трајковски“. На 1 мај рано посабајле.

Како по она старо добро мото – „додека трае обнова нема одмор-а“

Раул Гонзалес ја фати работата баш онака „ударнички“. Оти го чека уште еден „македонски четврток“, овој пат со македонската репрезентација во „Борис Трајковски“, во новата пресметка со Исланд.

Првиот впечаток – апсолутно позитивен.

Составот горе долу ист како порано, стручниот штаб нов, Борко повторно на голот, атмосферата мирна и опуштена…

И, да. Први во сала подготвени за тренинг – Марко Нелоски, Мартин Поповски и Мартин Томовски.

Случајно, ама многу симболично, младите сили го означуваат новиот почеток.

Првомајски, ударнички!

Се вчитува...