СЕДМЕРЕЦ: Приказни со две страни

Екипа

Шампионот шампионски, Металург пак тешко „металуршки“, две победи на едната, два порази на другата страна…и многу празни столчиња

  1. Надмоќ и рутина

“Добро е кога победуваш и кога не играш најдобро“, ќе рече Тимур Дибиров по втората победа на Вардар во Лигата на шампионите сезонава или рекордна седма во серија во елитното европско натпреварување ако се „врзе“ со ланската шампионска.

Првиот натпревар од новата сезона на домашен терен, не беше лош, но не беше ни некој од оние перфектните на „црвено-црните“, што е и донекаде нормално во оваа есенска фаза во ЛШ. Генерално, кога ќе се подвлече линија, Вардар беше сигурен кога требаше и шампионски надмоќен, воигран и тактички добро „поткован“ за „тврд орев“ како Нант.

И, нормално, го имаше Штербик на голот.

Доволно за победа во премиерниот настап на домашен терен како бранител на европската круна.

Но, на ова скопско „отворање“ на сезоната во ЛШ, изненадување беа празните делови на трибините. Ни шампионски Вардар, ни Нант со Кире Лазаров изгледа не беа доволен предизвик да се наполни „Јане Сандански“ до последното место.

Дали публиката која има единствена привилегија во Европа во два дена да гледа два натпревари од Лига на шампиони „во живо“, во радиус од неколку километри, можеби се презасити од ракомет? Или забележливо недостасува свежина во „понудата“ и малку повеќе од оној препознатлив флуид што го имаа(т) со публиката шампионот и вицешампионот. Па дури и кога играат натпревари во Лигата на шампионите.

2.Немоќ и празнина… на трибини

Кај Металург вчера во „Борис Трајковски“ беше уште попразно и потажно. На првиот настап на шампионот во „Јане Сандански“ бодеа очи празните столчиња. За „металурзи“ пак, празни беа цели „блокови“ или повеќе од половина од трибините во „Борис Трајковски“.

Што е за право, „празна“ беше и играта на Металург против Бешикташ. Без препознатливата борбеност, без „хемија“ во тимот, па и без некоја „голема“ тактика од клупата, „металурзи“ делуваа немоќно на теренот, дури и со противник од рангот на Бешикташ против кој се очекуваа бодови во претсезонските пресметки. Турскиот тим во Скопје ја забележа првата победа сезонава и севкупно втора победа на гостински терен во сите нивни настапи во ЛШ досега.

Прва сезонска победа Металург минатата недела и „даде“ и на Војводина во СЕХА лигата.

Има ли нова криза во Металург? Или повторно „дежурна“ причина е младоста и невоиграноста на тимот од кој „си заминаа дури девет и дојдоа нови шест играчи…“ , што само по себе пак е знак на „криза“ или лоша политика на струката.

Па, никој „од убавина“ не менува пола тим секоја сезона!

3. Овде може, дома не

Лино Червар не доби победа за роденден од „мојот Металург“ како што од милост го нарекува својот тим, но затоа пак како хрватски изборник, доби роденденско интервју во хрватските медиуми. И од него разбравме еден интересен и малку поразличен став на сегашниот хрватски, а до пред 5-6 месеци, македонски селектор. На прашањето дали би зел странец, како засилување за репрезентацијата, Червар вели:

„Не, не сум за тоа. Како што и претходно освојувавме медали со наши деца, со домицилно население, тоа успеавме во 2003 со најмладиот тим на турнирот и верувам дека тоа е вистинскиот пат…“

Хм…Чудно ако се знае каков беше ставот на Червар по ова прашање како селектор на Македонија! Или, Македонија беше некоја друга „приказна“ и „проект“?

А, можеби, на Хрватска баш добро би и дошол некој Немања Обрадовиќ, на пример! Да помогне, за добро на хрватскиот ракомет. Зошто да не?

Се вчитува...