Лионел Меси е најдобар фудбалер на денешницата, но исто така и исклучително тешко е да се најде напаѓач што би функционирал беспрекорно крај Аргентинецот. Сведоци сме како во Барса пред десетина години се „изгоре“ и еден Златан Ибрахимовиќ, а такви случаи имаме и во поблиската иднина, откако Дембеле и Кутињо не ги оправдаа инвестициите откако беа доведени во трансфери од суми над 100 милиони евра.
А сега во тоа „избрано друштво“ влегува и Антоан Гризман. На Атлетико Мадрид лани му беа платени 120 милиони евра, но Гризман не се наметна како суперѕвезда, дури ни во периодот кога повреден беше Луис Суарез. Тој вчера наполни 29 години, а каталонците се свесни дека треба што поскоро да го продадат ако сакаат да си ги вратат парите. Во ситуација кога се најавува доаѓање на Нејмар и на Лаутаро Мартинез, а во тимот се уште и Меси и Суарез, јасно е дека во следната сезона нема да се смета сериозно на Французинот, па најдобро за сите ќе биде тој летово да си замине од „Камп Ноу“.
Како најинтересна опција се споменува ПСЖ, односно Гризман да биде директно вклучен во понудата за Нејмар. Во ситуација кога клубот ќе го напуштат Нејмар, Кавани и Икарди, јасно е дека на „светците“ ќе им бидат неопходни врвни напаѓачи, а Гризман веќе докажа дека беспрекорно соработува со Мбапе во репрезентацијата, па сега можат да станат партнери во нападот и на клупски план.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА