Сега заедно во националниот тим: А, кога Чурлинов се роди, Пандев дебитираше за Македонија!

Бројни фудбалери се нанижаа низ македонската репрезентација во периодот на 18-годишното опстојување, со одредени паузи, на Горан Пандев во националниот тим. Голем дел од нив од поодамна завршени и со активната играчка кариера, а дел, пак, на самиот почеток од своите кариери.

Капитенот денеска против Летонија од 20:45 часот на националната арена „Филип Втори“ го чека својот 100-ти настап во репрезентативниот дрес… Денес како вистински предводник и на новата генерација македонски репрезентативци од кои се очекува, за првпат во историјата, да не донесат до пласман на европско првенство.

А, една од алките во таа нова генерација е и членот на германски Келн, Дарко Чурлинов за кого, како што вели, е посебно задоволство што е повикан во националниот тим токму за натпреварот на кој Пандев ќе го одбележи и својот 100-ти настап во националниот дрес. Интересно, Чурлинов е и еден вид симболичен „израз“ на 18-годишната одисеја на Горан Пандев во репрезентацијата. Во моментите кога Дарко Чурлинов, роден на 11. јули 2000 година, ја минуваше првата година од својот живот – Горан Пандев дебитираше во А селекцијата на Македонија, на 1. јуни 2001 година на мечот против Турција во Бурса.

„Очигледно и имав среќа што доживеав, иако се уште со години далеку од сениорска конкуренција, да бидам дел од репрезентацијата која ја предводи Горан Пандев. За мене е огромно задоволство што сум со овој тим со кој верувам Македонија ќе испише историја. Огромна придобивка за мене, и како млад фудбалер, е што имам можност заедно да работам и учам од име како Пандев кој беше и е идол на целата моја генерација“ – вели Чурлинов кој, пак, се поотворено демонстрира, со игрите во јуниорскиот тим на Келн, дека е на повеќе од добар пат да биде еден од вистинските наследници на Пандев.

Дарко Чурлинов е и најмладиот дебитант во историјата на македонската сениорска репрезентација. Со 16 години и 8 месеци дебитираше за А селекцијата на пријателскиот натпревар против Белорусија.

 

Се вчитува...