Сејдини: Приоритет за добивање билети за ЕВРО 2020 ќе имаат сите медицински лица

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини информираше дека Управниот одбор на ФФМ донел одлука приоритет за добивање билети за Европското првенство следната година на кое ќе учествува и Македонија да имаат сите медицински лица од земјава како награда за сите натчовечките напори и заложби кои секојдневно ги прават за заштита на нашето здравје во изминатиот период.

ОБРАЌАЊЕТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФФМ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Би сакал заедно со Вас да споделам една благодарна иницијатива која заедно со Управниот одбор на федерацијата ја преточивме во одлука, а се однесува на распределбата на влезниците за Европското првенство следната година. 

Иако во моментот се уште нема конечна одлука од УЕФА за бројот на билетите за натпреварите од ЕУРО 2020 бидејќи здравствената ситуација може да наложи и да нема присуство на гледачи на стадионите (најнепосакувано сценарио за сите нас), сепак има надеж дека публика ќе има и секоја федерација ќе добие дел од влезниците за натпреварите на Европското првенство.

Затоа одлучивме како награда, доколку ситуацијата со пандемијата се стави под контрола, како резултат за натчовечките напори и заложби кои секојдненво ги прават за заштита на нашето здравје во изминатиот период, а очигледно и во периодот што следува, приоритет за добивање на билети за следење на настапите на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство да имаат сите медицински лица кои се во првите редови во борбата против Ковид – 19 (доктори, сестри, технички персонал). Јасно ми е дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да не заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности.

Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година нашите медицински лица би ги замениле маските и скафандерите со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе ги постигнат на Европското првенство.

Останете во добро здравје, чувајте се и бидете солидарни и со другите околу вас. Заеднички и во одлично расположение да го дочекаме Европското првенство и да се радуваме заедно со нашите момци.

Муамед Сејдини

Се вчитува...