Сејдини: Управниот одбор ќе одлучува околу продолжувањето на договорот со селекторот Ангеловски

По историскиот успех и пласманот на Европското првенство следната година, спортската јавност во Македонија сосема оправдано очекува продолжување на соработката со селекторот Игор Ангеловски, првиот македонски тренер кој успеа македонската сениорска репрезентација да ја одведе на собирот на најдобрите на Стариот континент.

Договорот на Ангеловски со ФФМ завршува на крајот од годината. Како што истакнува претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини наредниов период ќе следат разговорите со Ангеловски околу продолжувањето на соработката.

„Договорот на Ангеловски му истекува на 31. декември. Секако, како што беше и секогаш во минатото досега околу новиот договор ќе одлучува Управниот одбор. Добро е познато дека одлуките во ФФМ не се носат поединечно, туку со одлука на највисокиот извршен орган. Јасно е дека најпрво ќе бидат заеднички разгледани сите барања на селекторот кој го донесе најголемиот успех во историјата на репрезентацијата, и заеднички очекувам да донесеме одлука за продолжување на соработката“ – изјави Сејдини.

Следната недела УО на ФФМ ќе одржи редовен состанок на кој се очекува да биде донесена одлука за формирање комисија за разговори за продолжување на соработката со селекторот, по што потоа Управниот одбор би ја донел и конечната одлука.

Се вчитува...