Пишува: Атанас Костовски
Крајот на 2022 година сакаше да биде засекогаш запаметен во историјата и по заминувањето на најголемата фудбалска легенда на 21 век, ненадминливиот Едсон Арантес до Насименто – Пеле. Светот се збогува со својот идол, миленик, фудбалски виртуоз, неприкосновен магионичар со топката, но пред се човек!
Инспирацијата и љубовта го одбележаа патувањето на кралот Пеле. Имаше три срца – едно за фудбалот, второто за семејството и третото за сите во светот. Ми се чини, како што велат, бројот 10 пред појавата на Пеле беше само обична бројка… А, сега дополнето и со фактот дека пред Пеле фудбалот беше само обичен спорт. Тој успеа да го претвори во вистинска уметност! Уникатен, креативен, совршен, посебен…
„Најдобрите во светот се и наши!“ – ќе речат некои. Па, така ја чувствувам и јас легендата на светскиот фудбал, Пеле, како еден од нас, оние на кои уште на прв поглед не маѓепса далечната 1958 година.
Во мојата професионална кариера имав можност во живо да гледам голем број светски фудбалски икони, и Бекенбауер, и Кројф, и Марадона, и Роналдо, и Меси…, но за мене единствено тој останува КРАЛОТ. Убавината на фудбалот кој тој ми ја долови уште во 1958 е магија за цел живот. Токму затоа секогаш со гордост се сеќавам на петте мои „средби“ со големиот Пеле!
Во 1958 година првпат го видов Пеле – магија за цел живот!
Во 1958 година како млад новинар од „Студентски збор“ бев определен за учество во акцијата „Братство – Единство“ во Ракитје, крај Загреб… Претпоставените знаеја дека сум млад новинар кој следи спорт, па се сеќавам бев пресреќен кога ми беше соопштено дека ќе ми биде дозволено во главниот команден штаб заедно со командата на акцијата да го гледам финалето од Светското првенство 1958 меѓу Бразил и Шведска. Неверојатно чувство на кое и денес се сеќавам, за првпат гледав телевизија во живот и првпат поглед кон Пеле, за кого до тогаш само наслушнував нешто… Големиот Едсон Арантес до Насименто – Пеле пред мене, тогаш со само 17 години, го воодушеви светот. Пеле во финалето постигна два гола во победата од 5-2 на Бразил за прва негова светска круна, а во мислите и денеска ја носам онаа негова мајсторија, која во неколку секунди може да ја нацртам и 64 години потоа, со прием на топката на гради и волеј удар за гол кој засекогаш ќе се памети.
Бразил тогаш имаше феноменален тим со Вава, Гаринча, Загало, Дида…, но Пеле беше тој кој го освои светот. Ме освои веднаш и мене, без сомнеж како најголемиот во историјата на фудбалот!
Следното Светско првенство 1962 кое се играше во Чиле, пак, го гледав како војник во Билеќа во БиХ, и тоа заедно со легендарниот македонски голман Благоја Видиниќ. Заедно ги следевме мајсториите на Бразилците кои дојдоа до нова титула во финалето победувајќи ја Чехословачка со 3-1. Во мечот за трето место, домаќинот Чиле ја победи Југославија со 1-0.
Англија 1966 година прво Светско првенство во живо…
Во 1966 година мое прво светско првенство во живо ангажиран од Радио-телевизија Скопје, и прва средба во живо и со Пеле. Како асистент на Младе Делиќ и Младен Стојаковиќ го работев во живо директниот пренос од „Гудисон парк“ во Ливерпул од натпреварот од групната фаза меѓу Португалија и Бразил.
Бев сведок на фудбалското „убиство“ на Пеле. Во првиот натпревар во таа група која се играше во Ливерпул и во Манчестер, Бразил ја победи Бугарија со 2-0. Пеле даде гол но бев сведок на крвничките стартови на Бугарите кои сериозно го повредија. Веднаш потоа на дуелот со Португалија кој го следев исто така во живо, по само 15 минути Португалците го доповредија… А, за каков играч станува збор доволно кажува тоа што и повреден играше до крај само за да му помогне на својот тим. Но, не успеа… Бразил загуби и беше елиминиран уште во групната фаза на тоа светско првенство.
Европската турнеја на Сантош, гостувањето на Пеле во Крагујевац!
Во 1969 години бразилски Сантош со неговата најголема ѕвезда Пеле беше на европска турнеа во Европа. Договорен и пријателски натпревар со Раднички Крагујевац во Крагујевац. Во суштина, Сантош требаше да игра со Партизан во Белград, но непосредно пред дуелот Партизан загуби од Раднички Крагујевац, па Бразилците одучија дека ќе гостуваат против тој тим.
Крагујевац тој ден беше центарот на Југославија, беше вистинска фешта на улиците на овој град, а јас заедно со снимателот Ѓоко Поповски – Гањо од матичната ТВ куќа добивме 90 метри филм (колку за споредба тогаш користевме 30 метри филм за еден цел фудбалски натпревар), па може да замислете каква репортажа требаше да се подготви од лице место репортажа за бразилската мегаѕвезда.
Натпреварот заврши 4-4, три гола за Сантош постигна Еду, а последниот во 90 минута за 4-4 беше дело на Пеле кој сам во соло-акција израмни за својот тим. Стрелец за Раднички Крагујевац, пак, беше и Слободан Пауновски. Подготвивме репортажа од тоа гостување на Пеле во Југославија која беше една од најгледаните во тој период на телевизиските канали ширум поранешната држава.
Лос Анџелес, 1994, еден до друг на коментаторските позиции со Пеле
Во 1994 година финале на Светското првенство во Лос Анџелес, САД, меѓу Бразил и Италија. Македонската телевизија на финалето со свое коментаторско место. Горд што Македонија е меѓу оние со директна коментаторска позиција во финалето и тоа веднаш до бразилските коментаторски места. Колегата Зоран Јордановски го коментираше отворањето на шампионатот, а јас бев определен за тоа финале во Лос Анѓелес.
А, за бразилската ТВ Глобал, пак, стручен коментатор на финалето никој друго туку Пеле.
Натпреварот по почетните 0-0 во регуларниот дел и по продолженијата дојде до пенали. Бразил дојде до светската титула по подобро изведените пенали, а јас да бидам искрен низ пенал-рулетот повеќе гледав што се случува на коментаторските места на Бразилците отколку на теренот. На секој гол од пенал се радуваа, еуфорично славеа на секое промашување на Италијанците, а Пеле беше еднакво среќен како и кога самиот ја освојуваше титулата. Во очите му се чувствуваше сјај и љубов за сите околу него, прегрнувајќи се со сите новинари на бразилската телевизија.
Во 1998 година беше и моето последно светско првенство во живо. Тогаш Бразил загуби со 0-3 во финалето од домаќинот Франција, а Пеле повторно беше стручен коментатор за ТВ Глобал, но тогаш немавме поблиска средба. Но, знам дека секој фудбалски фанатик, новинар, поранешен фудбалер или фудбалски работник, кој и низ тие денови на шампионатот ќе дојдеше до средба, фотографија или автограм од Пеле, знаеше дека добил спомен за цел живот со најголемиот фудбалер во историјата на човештвото!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА