Сеќавање за Љубисав Иванов – Ѕинго: Претседателот кој „грмна“ среде Брисел – Ако нема химна, Македонија нема да игра со Белгија!

Пишува: Атанас Костовски

Верувам, не напушти со исполнето фудбалско срце! Љубисав Иванов – Ѕинго. Четири дена по својот 84-ти роденден се оствари она што го посакуваше од студеникавиот 7. февруари 1993 година кога застана на чело на Фудбалскиот сојуз на Македонија – пласман на фудбалската репрезентација на Македонија на едно големо фудбалско натпреварување. А тогаш меѓу петте кандидати за прв претседател на самостојниот македонски фудбалски сојуз, во вториот круг со професорот на правниот факултет Трајан Бендевски, а со помош на гласовите на скопските фудбалски делегати, тивкиот аутсајдер Љубисав Иванов –Ѕинго беше избран за претседател на сојузот. Гласовите на приврзаниците на кандидатите Филип Ѓурчиновски и Мирослав Георгиевски беа пресудни за конечниот избор, всушност скопските фудбалски работници го избраа наследникот на Алексо Кипровски.

Сега, таму горе, на својот претходник кој ги започна првите чекори за осамостојувањето на македонската фудбалска организација, Алексо Кипровски и на своите најблиски соработници Илија Атанасовски (генерален секретар), Часлав Божиновски (капитен на репрезентативните селекции), Лазар Плачков (прв тренер на репрезентацијата) и Стојан Тренчевски (портпарол) ќе им ја соопшти радосната вест – Македонија ќе игра на Европското првенство!

Во право е актуелниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини кога истакнува дека македонскиот фудбал загуби еден од своите најдобри и најважни фудбалски работници во својата историја. Истакнува Сејдини во сочувството до семејството на Иванов, навистина е беспредметно воопшто да набројуваме со што се го задолжи нашиот фудбал и Фудбалската федерација на Македонија, наша должност е да продолжиме по патот што го трасираше.

Еднаш претседател – цел живот претседател! Таков беше мојот однос кон фудбалскиот работник, стопанственик и политичар Љубисав Иванов-Ѕинго. Лично го запознав неколку години пред распадот на големата држава. По еднагодишна пауза, ФК Вардар пак се врати меѓу југословенските прволигаши и по тој повод го посветивме речиси комплетно неделното телевизиско попладне на тој успех. Го прашав претседателот на ФК Вардар, кои гости покрај него, се разбира, да дојдат во емисијата. Без размислување рече: „Ѕинго, не е проблем ќе дојде тој од Кратово, а и добро ќе биде за иднината на клубот“.

Плати за Бобан Бабунски да остане во Вардар

И навистина. Меѓу првите пристигна во студиото, веројатно знаејќи за што се работи, многу повеќе во разговорот му посветив внимание на кратовскиот член на управата на ФК Вардар, отколку на другите гости. Претседателот Филип Ѓурчиновски беше искрен, разговарај повеќе со Ѕинго, треба да го убедиме за финансиска помош за да го задржиме Бобан Бабунски во екипата барем уште една сезона! И беше така, Бабунски продолжи да го носи дресот на Вардар…

Како уредник на спортската редакција на МТВ имав извонредна соработка со пртседателот на ФСМ. По реализацијата на првиот пренос на Македонската репрезентација од Крањ и воспоставените професионални односи со преставникот на УФА Медиа, Слободан Вујчиќ-Брацо, МТВ и ФСМ склучија договор за директни преноси од Првата лига но од репрезентативните настапи, дома и во странство! Генералниот директор на комбинатот Силекс имаше свој работен кабинет и во подтрибинскиот простор на Јужната трибина на Градскиот стадион во Скопје.

Кога Макпетрол, Пивара, Комерцијална банка не сакаа да дадат денар за стадионот, Ѕинго одврза ќесето

За помалку упатените еве уште еднаш потсетување зошто подтрибинскиот простор и денес е во сопственост на комбинатот Силекс од Кратово. Во време кога се градеше Јужната трибина, односно се реконструираше стадионот, недостасуваа финансиски средства за исплата на завршените работи. Големите скопски фирми како Макпетрол, Пивара, Цементарница, Славија, Центро, Железара па се до Комерцијална банка не го одврзуваа “ќесето“. Вљубеникот во фудбалот и стопаственикот Љубисав Иванов-Ѕинго размислуваше во свој стил – плати колку што требаше и го доби подтрибинскиот простор во сопствеништво на компанијата Силекс!

Во својот работен кабинет на Градскиот стадион секогаш ги примаше гостите пред почетокот на средбите на репрезентациите или пак на својот Силекс во европските купови. Останува да се прераскажува воодушеноста на претседателот на Шпанската фудбалска федерација по приемот во кабинетот:

„Ако претседателот на Фудбалскиот сојуз на Македонија на стадионот има ваков работен кабинет, како ли е оној во работното место во комбинатот со кој раководи!“

Без националните белези Македонија нема да игра со Белгија

Ја сакаше својата земја. Неуморен беше заедно со најблиските соработници што побрзо нашиот сојуз да биде поплноправен член на УЕФА и ФИФА, а неговата решителност при одигрувањето на средбата Белгија-Македонија во Брисел во рамките на квалификациите за ЕП 1996 година беше само една добиена битка во нашата вечна војна да го потврдиме своето постоење. Имено, поради познатиот проблем со името , знамето и химната, претседателот Иванов во срцето на Европа, во Брисел им се закани на административците на УЕФА:

„Без барем еден од националните белези, Македонија нема да игра со Белгија“.

И нашиот амбасадор во Шведска, инаку големиот вљубеник во фудбалот Тихомир Илиевски постојано беше на врска со Брисел но и со претседателот на УЕФА, Швеѓанецот Ленарт Јохансон. Долго време разговараа и двајцата претседатели, на Републиката, Киро Глигоров и на Фудбалскиот сојуз, Љубисав Иванов. Вечерта одигравме 1-1 со Белгија, а на почетокот се интонираше нашата државна химна, а на место официјалниот јарбол нашето знаме се вееше на трибините во рацете на нашите гастербајтери. Знам, се сеќавам во текот на преносот му се заблагодарив на режисерот кој интонирањето на нашата химна го проследи и со развиорените македонски знамиња на трибините…

Како прв човек на македонскиот фудбал не брзаше својот Силекс да го донесе на шампионскиот пиедистал. Користејќи го осиромашениот вардаров играчки квалитет поради распродажбата на своите најдобри фудбалери, и концентрација на младиот македонски потенцијал во Кратово, Силекс лесно ги освојуваше и шампионските титули и зачести да игра во европските фудбалски купови. Се чудеа и германските телевизиски новинари за фудбалерите од крајот на светот од ридестото Кратово…

Беспрекорен домаќин на сите гости од ФИФА и УЕФА

Ја сакаше Македонија, разбирливо најмногу своето Кратово. При отворањето на олимпискиот пливачки базен бев во Кратово, а од таму заедно со претседателот Љубисав Иванов продолживме за Кочани каде се играше Илинденски фудбалски турнир. Во мерцедесот бевме четворица, неговиот возач Тоде, претседателот Иванов, финансискиот директор на комбинатот Мишо (идниот министер за земјоделство Михаил Цветков) и јас. Некада околу Пробиштип со подзаспан глас ми вели Ѕинго дека попладнево ова време “дремуцка“ малку, ама секогаш друштво му прави Радио Скопје. Десетина минути подоцна како прва вест на Радио Скопје е за американското засилување на санкциите против Србија….

„Мишо“ – вели гласот од првото десно седиште на Мерцедесот. „Има ли сунѓер на залиха во Кратово“.

„Има“ – одговара Мишо.

„Добро, јави целокупната залиха да се префрли во магацините во Бујановац и Врање“ – рече и продолжи да дремуцка првиот човек на комбинатот Силекс.

Беше одличен домаќин, гостите беа секогаш задоволени до максимум по посетата на Фудбалскиот сојуз на Македонија. Така беше и при посетата на првиот човек на УЕФА, Ленарт Јохансон. Можеше фудбалската средба да се одржи во било кој од скопските хотели, но искусниот фудбалски работник, политичар и стопанственик Љубисав Иванов-Ѕинго го прими првиот човек на УЕФА во тесната канцалариска сала во Домот на фудбалот, крај популарната “Грација“. Не поминаа неколку месеци, македонската фудбалска федерацијаа доби уште еден спрат во Домот на фудбалот, со европски пари, се разбира.

Последен пат, беше октомври 2006 година, разговарав работно, 60-тина минути на Спортсокото радио Канал 4 поминавме во сеќавања на деновите кога македонскиот фудбал се бореше за својата европска и светска рамноправност. Потоа многупати ќе го свртев телефнскиот број што никогаш не го смени, а на крајот секогаш ќе ме прашаше што сега прави југословенскиот мустаклија – „Задолжително Брацо да го поздравиш“.

Да, и Брацо ќе се радуваше на успехот на македонските фудбалери, се сеќавам колку многу телефонски броеви и тој сврте во темната бриселска ноќ за да се чуе македонската химна…

Беше навистина богатство да се познава и соработува со фудбалскиот работник, стопаственик и политичар Љубисав Иванов-Ѕинго.

Се вчитува...